Македонија неделава ќе игра со Шпанија, в четврток во Скопје и в недела на гости. Двете селекции по првите две кола во групата пет имаат по две победи. На ЕП 2024 ќе настапат двете првопласирани селекции од секоја од осумте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Македонската репрезентација ги почна подготовките за двомечот со Шпанија во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) за ракометарки годинава, кој е в четврток (од 18 часот, во СЦ „Борис Трајковски“, влезот е слободен) и в недела на гости. Селекторот на македонската репрезентација Кристијан Грчевски за овие мечеви смета на 20 ракометарки, од кои 14 се интернационалки.
– Нѐ чекаат два натпревара што се многу битни за нашиот напредок во ракометот. Играме со една велесила како што е Шпанија, што е позитивно за нас за да дадеме што повеќе во играта. Конечно по една пауза имаме собир и се надевам дека ќе биде многу добро. Девојките се позитивни, насмеани уште од првиот ден, иако уште не сме сите комплетни – вели капитенката на репрезентацијата на Македонија, десниот бек Елена Ѓорѓиевска.
Македонките во групата пет имаат две победи по првите две кола, по победите на дуелите со Азербејџан во Скопје со 40-17 и со Литванија на гости со 31-28. Толку победи имаат и Шпанките, кои славеа на гости со Азербејџан (38-18) и дома со Литванија (47-14). На ЕП 2024 ќе играат двете првопласирани селекции од секоја од осумте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните. Директно на шампионатот се пласираа домаќините на ЕП 2024, Австрија, Унгарија и Швајцарија, како и актуелниот првак Норвешка. По две кола во сите групи, левиот бек Андреа Седлоска е трета на листата на стрелците, со 15 гола од 16 шута. Г.И.
Контролни дуели на сениорите, младинците и на кадетите
Во подготовките на машките селекции, во неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од 11 до 17 март годинава, ќе се одиграат контролни натпревари. Машката сениорска репрезентација на Македонија ќе ѝ гостува на Романија, а двата меча ќе се играат во градот Браила, на 15 и 16 март, во рамките на подготовките за бараж-двомечот со селекцијата на Фарски Острови за пласман на Светското првенство в година. Во истите денови машката јуниорска репрезентација во подготовките за Европското првенство (ЕП) годинава, за играчи до 20 години, во Словенија, ќе биде домаќин на два меча со Хрватска, во Скопје, а машката кадетска репрезентација во пресрет на ЕП до 18 години во Црна Гора ќе одигра две средби со Црна Гора на гости на 14 и 15 март, информираат од Ракометната федерација на Македонија. Г.И.
ГРУПА 5
Македонија – Шпанија четврток
Азербејџан – Литванија четврток
ТАБЕЛА
Шпанија 2 2 0 0 85-32 4
Македонија 2 2 0 0 71-45 4
Литванија 2 0 0 2 42-78 0
Азербејџан 2 0 0 2 35-78 0