Фото: Нова Македонија

Утре пред пратениците предлог-законот за продолжување на важноста на пасошите

Искуствата на македонските граѓани во земјава со добивање на новите лични документи, а особено со патните исправи се безбројни, а атрибутите на тие искуства се исто така многубројни: разочарувачки, тажни, комични, гневни… За оние пак што останале надвор од границите на Македонија, по 12 февруари, со пасоши што имаат уредна важност, но издадени од Република Македонија (без географската одредница на името), предизвикуваа дополнителни контроверзии во ситуацијата со хаотични информации за важноста на личните документи по истекот на рокот од пет години за нивна замена, наведен како обврска во билатералниот Преспански договор со Грција. Најголемиот број од искуствата по 12 февруари 2024 година се дека македонските граѓани што се затекнале во странство немале проблем да се движат низ другите земји (главно во ЕУ) и да излезат од нив, и покрај препораката на македонското МНР да добијат патен лист во македонските дипломатски претставништва, за што исто така се чека подолг период. Неизвесната ситуација со издавање патни исправи во земјава со новото име на државата и понатаму продолжува, иако во извесна мера е забрзана процедурата со термините за фотографирање во МВР, но сѐ уште има недостиг од испечатени обрасци на документите.

Да се стави крај на политичко -бирократската неодговорност на сопствената држава

Во таков реален контекст на состојбата со употребната важност на македонските патни исправи, пратениците во Собранието, утре (в среда, 28 февруари) треба да одлучуваат дали ќе ја продолжат важноста на пасошите до крајот на годината. Предлог-законот за продолжување на важноста на пасошите е доставен до пратеничките групи и ќе се најде пред пратениците на пленарна седница. Тоа во петокот го потврди претседателот на Собранието, Јован Митревски.
Потребата за продолжување на важноста на патните исправи е есенцијална. И за граѓаните во земјава, а особено за Македонците во странство. Последниве навистина се соочуваат со проблеми во исполнувањето на работните договори насекаде низ светот. И покрај толеранцијата на другите држави на ситуацијата со (не)важноста на македонските пасоши, македонските граѓани со работни договори во светот се доведени во апсурдна состојба на неизвесност, создадена од политичко-бирократската неодговорност на сопствената држава. Што се однесува до граѓаните во Македонија, тие и понатаму остануваат со „ограничено движење“, сѐ додека не добијат патна исправа со новото име на државата, со географска одредница.
– Проблемот со пасошите имаше многу лесно решение, кое е можно и денес. Со обична дипломатска нота требаше и мораше да се извести Грција дека обврската од Договорот од Нивици да се заменат сите лични документи на македонските граѓани во рок од пет години не е можно да се исполни, поради огромниот број такви документи. Се известува грчката страна дека таа обврска ќе ја заврши во најкус можен рок. Со тоа не се бараше никаква промена на договорот и грчката страна немаше никаква можност за спротивставување.
Наместо тоа, нашите политичари и дипломати аматери (се сомневам дека некои од нив намерно го направија тоа) создадоа хаос во државата и измалтретираа огромен дел од граѓаните.
Моментално, апсурдот е максимален и неспособноста на нашите квазиполитичари доаѓа до целосен израз, бидејќи имаме докази дека нашите пасоши важат низ цела Европа, а веројатно и во светот, освен во Македонија и во Грција – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.

Пратениците се народни пратеници, доколку работат во интерес на својот народ

Иако предлог-законот за продолжување на важноста на пасошите со Република Македонија на корицата е ставен на дневен ред на собраниската пленарна седница, меѓу претставниците на политичките партии и понатаму има различни ставови за потребата од негово изгласување, односно дали тоа ќе биде решение на проблемот. Од ВМРО-ДПМНЕ, кои се и предлагачи на измените и министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, сметаат дека проблемот може да се реши само со едно стискање на копчето. Додека пак за СДСМ, предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е несериозен. Министерот за надворешни работи и кандидат на ДУИ за претседател на Македонија, Бујар Османи, вели дека за движењето на македонските државјани низ земјите членки на ЕУ со пасоши со старото уставно име одлучува секоја држава поединечно, како нејзино суверено право.
– Ако се донесе закон за продолжување на важноста на пасошите до крајот на годината, тоа веројатно нема да го реши случајот, иако ќе го олесни, бидејќи до 31 декември, ќе можат да се заменат сите пасоши.
Ако сепак се донесе законот, во истиот момент треба со дипломатска нота да се известат сите земји во светот дека македонскиот пасош со старото име има важност и понатаму, без да се наведува рокот – вели дипломатот Ристо Никовски.

Земјите членки изразуваат разбирање за прашањата и волја за надминување на проблемот преку изнаоѓање законско решение во најкус можен рок…

Во врска со прашањето за важноста на македонските пасоши, формално сѐ уште со рок на важност, која е оспорена од обврските преземени од државата со билатерален договор, од Брисел на 19 февруари до македонското МВР е пристигнат допис од Комитетот за патни документи на Европската комисија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја презентираше содржината на писмото во медиумите за граѓаните да ги знаат фактите поврзани со проблемот со личните документи.
– Земјите членки изразуваат разбирање за прашањата и волја за надминување на проблемот преку изнаоѓање законско решение во најкус можен рок… Од главниот директорат во ЕУ повторија дека одржале состанок на Комитетот за патни документи на кој било покажано разбирање и флексибилност во однос на техничката природа на прашањата. Со оглед на тоа дека само Грција извести дека не ги прифаќа пасошите со старото име на државата. Во принцип, тоа значи дека граѓаните на Македонија може да влегуваат и да излегуваат во другите земји членки, но конечната одлука за прифаќање на старите пасоши е на самата земја членка и тоа може да го направи без навремено да ја информира ЕУ – го цитира министерот Тошковски дописот од Брисел.

Одлука за продолжување на важноста на пасошите со Република Македонија на корицата?!

Според правните експерти, иако предлог-законот за продолжување на важноста на македонските патни документи е изнудено преодно решение, доколку на каков било начин им го олесни движењето на македонските граѓани, или барем на дел од нив што се нашле во неизвесна ситуација надвор од државата, пратениците имаат обврска да им го овозможат тоа.
– Предлог-законот за продолжување на важноста на формално сѐ уште важечки патни документи, на некој начин претставува изнудено преодно решение од неизвесноста во која се најдоа македонските граѓани што останаа во странство со такви документи. Државата им гарантирала важност на документите што ги издала, а нема ни официјален документ дека престанала нивната важност, иако истата држава се обврзала со билатерален договор дека ќе ги замени сѐ уште важечките документи. Конфузна ситуација, на која дури и од европските институции реагираат дека „изразуваат разбирање и флексибилност“, но прашањето останува отворено и одлуката дали ќе бидат прифатени „спорните“ македонски патни документи останува на секоја земја членка. Но пратениците во македонското собрание, секако имаат обврска да работат и да донесат законско решение во интерес на граѓаните, дури и да има најмал придонес во одредена ситуација. Не е извесно како ќе се рефлектира одлуката за продолжување на важноста на пасошите со Република Македонија на корицата, но државата ќе манифестира одговорност дека стои зад документите што ги издала и го анулира неизвесниот статус на своите граѓани надвор од државата – вели адвокатот Владимир Туфекџиќ.