Фото: Маја Јаневска-Илиева

По две кола, вкупно 14 репрезентации се пласираа во втората групна фаза, во која ќе играат 24 селекции

Уште седум репрезентации (Германија, Србија, Катар, Норвешка, Холандија, Египет и Данска) се пласираа во главната групна фаза, по второто коло во прелиминарниот дел во групите Е, Ф, Г и Х, или вкупно 14 во сите групи на 28-то Светско првенство (СП) во ракомет, во Полска и во Шведска, пред мечевите од третото коло. Претходно тоа го обезбедија и селекциите на Шпанија, Словенија, Франција, Шведска, Бразил, Зелено’ртските Острови, Унгарија и на Португалија.
Актуелниот светски шампион Данска ја продолжи серијата без порази на СП на 21 натпревар, со триумфот на мечот со Бахреин (36-22). Во истата група Х, Белгија ја оствари првата победа на СП славејќи против Тунис. Германија, Србија и Катар се пласираа во следната фаза во групата Е, како и Норвешка и Холандија во групата Ф по победата на средбата со Аргентина (32-21), односно со Македонија (34-24). Во групата Г, со триумфот над Мароко (29-19), Египет е веќе во главната група.
По двете одиграни кола, две репрезентации како четвртопласирани во своите групи веќе се селат во Президент-купот, односно ќе играат за пласман од 17-то до 32-то место. Тоа се Уругвај и Алжир. Кои репрезентации ќе им се приклучат ќе биде познато по одигрувањето на третото коло, вчера и денеска. Г.И.


Гитсел и Елисон се водечки стрелци

Данскиот десен бек Матијас Гитсел, со 18 гола од 22 удари (82 отсто ефикасност) на 28-то Светско првенство (СП) во ракомет, во Полска и во Шведска, го стигна на врвот на листата на стрелците левото крило на Исланд, Бјарки Мар Елисон, кој, исто така, има 18 погодока (три од седум метри), но од 24 удари,(75 отсто ефикасност) по првите две кола. На третата позиција е десниот бек на Холандија, Кај Смит, со 17 гола од 24 обида (71 отсто ефикасност).