Фото: РК Алкалоид

Единствениот македонски претставник во ракометна Европа, скопски Алкалоид, со предност од пет гола ќе истрча на теренот во Сандефјорт, откако во првиот полуфинален меч во Европскиот куп (ЕК) триумфираше во Скопје со 42-37 и е на чекор до пласман во големото финале

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП, ПОЛУФИНАЛЕ

Ракометарите на Алкалоид, предводени од тренерот Кирил Лазаров, утре (17 часот) на гости, во спортската сала „Рунархален“ во Сандефјорд, ќе го играат реванш-натпреварот во полуфиналето на Европскиот куп (ЕК) против норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд. Победникот од овој двомеч ќе се пласира во големото финале во третото по ранг клупско натпреварување во Европа, а за ривал ќе го има подобриот од двомечот помеѓу Извиѓач од БиХ и АЕК од Грција, кој се игра денеска (20 часот). Првиот дуел во Атина го доби грчкиот претставник со 38-29.
Единствениот македонски претставник во ракометна Европа, скопски Алкалоид, со предност од пет гола ќе истрча на теренот во Сандефјорт, откако во првиот полуфинален меч во Европскиот куп (ЕК) триумфираше во Скопје со 42-37 и е на чекор до пласман во големото финале. Во Скопје прв поентер кај Алкалоид беше десниот бек Мартин Серафимов со десет гола, а го следеше левиот бек Иван Џонов со седум. Кај гостите доминираше ветеранот, десниот бек Кристофер Рамбо со 11 погодоци и токму на него треба скопјани да посветат посебно внимание.

Дали тие пет гола ќе бидат доволни, ќе се знае по истекот на 60-те минути. Алкалоид сезонава во ЕК ги елиминира литвански Драгунас Клаипедас, италијански Бриксен, австриски Вест Виен и романски Баја Маре, а на деветте меча забележа осум победи и едно реми. И норвешкиот клуб, кој освен двајца Швеѓани го сочинуваат домашни играчи, на чело со тренерот Бјарте Мирхол, легендарниот норвешки пикер, на патот до полуфиналето ги елиминира романски Букурешт, словенечко Целје, турски Бешикташ и грчки Олимпијакос, односно на девет натпревари забележа седум победи, едно реми и еден пораз. Судиската правда во Норвешка ќе ја делат Италијанците Франческо Симоне и Пјетро Монитиљо, додека делегат е Исланѓанецот Хлинир Леифсон.
– Рунар играат добро цела сезона и во домашната лига и во Европскиот куп. Очекував тежок меч во Скопје, но сигурен сум дека реваншот на гости ќе биде многу потежок – истакна по првиот меч, тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров. Г.И.