Мора да имаме максимален и концентриран пристап во играта од првата до последната минута и да го вратиме Металург на европското ракометно небо, каде што му е местото, рече десното крило на Металург, Златко Хорват, пред утрешниот прв меч, во Скопје, во второто квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа

Луцерн е добро организирана екипа, која има неколкумина добри и искусни ракометари во своите редови, меѓутоа и ние имаме искуство и квалитет да им парираме и да ги надиграме. Ќе дадеме сѐ од себе да одиграме добар натпревар и да направиме добар резултат, кој ќе ни гарантира пласман во групната фаза на Лигата на Европа, изјави десното крило на Металург, Златко Хорват, пред дуелот утре од 20.45 часот во Скопје, со швајцарскиот претставник Кринс Луцерн, во првиот од двата квалификациски натпревари од 2. коло за пласман во новоформираната ракометна Лига на Европа.
Хорват со 10 гола беше најефикасниот ракометар на Металург во дуелите во првото коло, со Спачва од Хрватска, а исто така со 15 гола е најефикасен и во мечевите од домашното првенство. Во првото квалификациско коло избраниците на тренерот Зоран Кастратовиќ ја елиминираа Спачва од Винковци со вкупен резултат 60-57, а Луцерн беше подобар во двомечот со Дубрава од Хрватска (57-46).

Тимот на хрватскиот тренер Горан Перковац во своите редови има 10 Швајцарци, тројца Словенци, меѓу кои и поранешниот член на Металург и на Татран Прешов, Јануш Лапајне, и по еден Хрват, Полјак, Белорусин и Чех. Најефикасен ракометар сезонава во составот на Луцерн е белорускиот лев бек Глеб Харбус, кој постигна 11 гола во дуелите со Дубрава и уште 29 во швајцарското првенство. Тој е добитник и на признанието за најкорисен ракометар (МВП) за минатата сезона. Меѓу другите ракометари според ефикасноста се издвојува младиот Швајцарец, 19-годишниот Тим Релстаб, потоа крилата Левин Ванер (десно) и Адриан Блатер (лево), како и хрватскиот пикер Филип Гаврановиќ.

Во меѓувреме, освен натпреварите од 1. коло од квалификациите, двата тима одигра по неколку натпревари во домашните првенства, од кои Металург има три победи во три меча и на е делба на првата позиција во групата Б. Луцерн одигра четири натпревари, во кои победи забележа во три, еден натпревар одигра нерешено и ја има втората позиција на табелата, зад Кадетен Шафхаузен, кој, пак, веќе има директно место во ЛЕ. Луцерн забележа победа и во осминафиналето на Швајцарскиот куп.
– Свесни сме дека пласманот во групната фаза на Лигата на Европа е желба и амбиција на двата тима, а исто така сме свесни дека овие два натпревари се клучни за тоа кој ќе продолжи понатаму. Мора да имаме максимален и концентриран пристап во играта од првата до последната минута и верувам дека сите до еден во екипата ќе дадеме сѐ од себе да си обезбедиме место во групната фаза и да го вратиме Металург на европското ракометно небо, каде што му е местото – изјави Хорват.
Утрешниот меч ќе се игра во салата „Јане Сандански“ во Скопје, реваншот е седум дена подоцна во Цирих.