Откако претходно повеќе федерации во Европа ги поништија сезоните, на таков чекор се реши и Ракометната федерација на Унгарија. Во Данска, Исланд, Луксембург, Словенија и во Полска, пак, претходно прогласија прваци според актуелните табели до прекинот на сезоната поради пандемијата на коронаварусот

РАКОМЕТ

Ракометната федерација на Унгарија е последна во низата федерации што поради пандемијата од коронавирусот одлучија да им стават крај на неизвесноста и исчекувањето дали ќе продолжи сезоната. Челниците на Унгарската федерација одлучија да ја поништат тековната сезона без прогласување шампиони и во машка и во женска конкуренција, а пласманот во европските купови да биде одреден врз основа на рангирањето од минатата сезона. Па, така, Веспрем како минатогодишен шампион би играл во Лигата на шампионите (ЛШ), а Сегед би аплицирал за вајлд-карта.

Пред неколку дена сезоната заврши и за ракометарите и за ракометарките во Данска, Луксембург и во Исланд, кои прогласија шампиони според моментната состојба на табелите. Данската ракометна федерација не само што ги прогласи шампионите туку веднаш ги одреди и патниците во европските купови за следната сезона. Во машка конкуренција за шампион е прогласен Алборг, кој ќе добие место во ЛШ, а ГОГ Гудме, Холстебро и Силкеборг ќе играат во Лигата на Европа (ЛЕ). Во женска конкуренција за шампион е прогласен Есбјерг, кој добива место во ЛШ, а во ЛЕ ќе играат Одензе, Виборг и Икаст.

И Ракометната федерација на Луксембург одлучи да ја прекине неизвесноста и предвреме го заврши шампионатот. Преку видеоконференција со претставници на 15 клуба беше донесена одлука титулите да се доделат според моментниот пласман на табелата така што шампион во машка конкуренција е Еш, а кај дамите првак стана екипата на Керјенг. Шампиони на Исланд, пак, за тековната сезона се прогласени Валур кај мажите и Фрам кај дамите.

Претходно шампиони прогласија и во Словенија (Целје и Крим) и Полска (Киелце), а во Норвешка, Шведска, Финска, Швајцарија, Австрија, Словачка, Холандија… ги поништија сезоните.