Португалија ќе се врати на светската ракометна сцена по 18 години, од своето претходно учество на СП 2003

РАКОМЕТ

Селекторот Пауло Переира верува дека ракометната репрезентација на Португалија може да освои медал на Светското првенство (СП) во јануари 2021 година во Египет. Португалија на светската ракометна сцена ќе се врати по 18 години, од своето претходно учество на СП во 2003 година.
– Наша цел и амбиција за претстојниот Мундијал е да се пласираме на подиумот. За многумина, ова можеби звучи лудо, но ние веруваме дека барем можеме да си поставиме цел и да ја следиме – изјави Переира, за Португалската ракометна федерација (ФПА), по ждрепката на групите за СП 2021.
Најдобриот резултат на Португалија досега на СП е 12-то место во 2003 година, а на Европското првенство (ЕП) годинава португалскиот состав стигна до 6-то место, подобрувајќи го својот најдобар пласман (7. место на ЕП 2000).

– Напорно работевме за да се сместиме во првиот барабан за да ги избегнеме големите фаворити во групната фаза. Секогаш е подобро да си во првиот барабан отколку во кој било друг. Се надевам дека ќе успееме да го задржиме натпреварувачкиот ритам што го имавме на ЕП и во квалификациите и ќе ги оствариме нашите цели. Знаеме дека ќе биде многу тешко, но, исто така, веруваме дека можеме. Ќе ги имаме предвид сите фактори на патот кон нашата главна цел, подиумот – вели португалскиот селектор.

Португалците ќе играат во групата Ф, заедно со селекциите на Алжир, Исланд и на Мароко. Пласман во следната фаза обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи. Португалија беше најпријатното изненадување на ЕП 2020. Двапати славеа над Франција, во квалификациите и во групната фаза, а го совладаа и актуелниот европски вицепрвак Шведска.