РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Со победата над украинскиот првак Мотор со 30-23 во реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите (ЛШ), ракометарите на белорускиот првак Мешков по 12 сезони учество во ЛШ првпат обезбедија место во четврт-финалето во најсилното клупско натпреварување. Првиот дуел во Запорожје Мешков го загуби со 32-30, но затоа максимално ја искористи поддршката на домашната публика, одигрувајќи го најдобриот натпревар сезонава. Мешков и данскиот шампион Алборг се дебитанти во четвртфиналната фаза на ЛШ.
Мешков четири пати досега играше во осминафиналето, во таа рунда во сезоната 2015/2016 загуби од Киелце, во 2016/2017 и во 2018/2019 од Фленсбург, а во сезоната 2017/2018 од Нант. Во своите редови Мешков сезонава има двајца меѓу десетте најефикасни ракометари во ЛШ, десното крило Микита Валупов е трет стрелец со 75 гола, а десниот бек Марко Паниќ е седми со 68 реализации. Противник на Белорусите во четврт-финалето на ЛШ ќе им биде единствениот непобеден тим сезонава, шпанскиот првак Барселона.
Седми пат од воведувањето на фајналфор-системот место во четврт-финалето обезбеди Веспрем, откако во осминафиналето го победи Вардар со 41-27 и со 39-30. Веспрем во трката за пласман на фајналфор-турнирот во Келн ќе игра со Нант. Четвртфиналистите ги комплетира ПСЖ, кој со 31-23 и со 37-24 го победи Целје. Нивна пречка на патот кон Келн ќе биде актуелниот европски првак Кил. Четврт-финалето треба да се игра од 12 до 19 мај.


ЧЕТВРТФИНАЛНИ ДВОЈКИ

Кил – ПСЖ
Барселона – Мешков
Веспрем – Нант
Фленсбург – Алборг