Ја анализиравме играта на Фиверс од претходните пет дуели и во тој правец ја подготвуваме нашата игра за утрешниот меч. Ме радува позитивната атмосфера во тимот, па доколку одиграме според договорените задачи, верувам дека можеме да стигнеме до поволен резултат, вели тренерот Димитриоски

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА

Коронавирусот ни направи сериозни проблеми и во тренажниот и во натпреварувачкиот дел сезонава. По долга пауза, утре ни претстои тежок дуел против австрискиот првак Фиверс, кој во своите редови има неколкумина искусни и квалитетни репрезентативци, кои знаат да одиграат на високо ниво, изјави тренерот на ракометарите на Металург, Оливер Димитриоски, во пресрет на заостанатиот дуел од 4. коло од Лигата на Европа, утре во Скопје.
По двонеделна пауза, поради позитивни случаи на коронавирус, на Металург утре (18.45 ч., пренос на МТВ) му следува првиот меч на домашен терен во Лигата на Европа, во кој за противник ќе го има Фиверс. Тој меч наедно ќе биде последен во оваа календарска година на европската сцена.
Во досегашниот тек од сезоната, Австријците одиграа пет меча, во кои забележаа три пораза, од Висла (32-23), Чеховски медведи (32-30) и од Адемар Леон (30-28), го победија Тулуз (37-32) и одиграа нерешено на домашен терен со Адемар Леон (33-33). Металурзите, пак, досега одиграа само два меча, на гостински терен, во кои загубија кај Тулуз (33-29) и кај Адемар Леон (41-32).

– Ја анализиравме играта на Фиверс од претходните пет дуели и во тој правец ја подготвуваме нашата игра за утрешниот меч. Тие се екипа што негува германски стил на ракомет, во кој брзата транзиција е нивното најсилно оружје, а во одбраната знаат да ја променат формациската поставеност од 6-0 во 5-1, па и во 4-2. Најважно е да не дозволиме слаба игра во одбраната, туку да одиграме максимално борбено и цврсто во текот на целиот натпревар, а пак во нападот, за позитивен резултат, ќе треба да ги сведеме техничките грешки на минимум и да го подобриме процентот на реализација. Ме радува позитивната атмосфера во тимот, па доколку одиграме според договорените задачи, верувам дека можеме да стигнеме до поволен резултат – вели Димитриоски.
Фиверс по девет години се врати на европската ракометна сцена. Најдобар резултат на Австријците на европска сцена е пласман во осминафиналето од Купот на победници на куповите во сезоната 1999/2000. Во составот на австрискиот стратег Петер Ацкл нема интернационалци, а најефикасен ракометар е левиот бек Лукас Хутечек (45 гола заедно со квалификациските мечеви), а потоа следуваат бековите Фабиан Глатзл со 33, Марин Мартиновиќ и Никола Стевановиќ со по 28 гола, крилото Ерик Дамбок со 27 и пикерот Тобијас Вагнер со 26 реализации.

Кај металурзите улогата на прв стрелец ја има десното крило Златко Хорват, со 30 гола (заедно со квалификациските мечеви), следуваат централниот бек Марко Тарабокија, со 28 гола, левото крило Милан Поповиќ, со 26 реализации, и пикерот Бранко Канкараш, со 21 погодок.
Денешниот дуел на Металург и Фиверс е последен во годинава во групната фаза во ЛЕ. Во групата А, води Висла со четири победи од четири меча, а во групата најмногу натпревари, шест, одигра Тулуз.