Фото: Маја Јаневска-Илиева

Репрезентацијата денеска треба да го има собирот за мечевите на гости со Финска (в среда, од 17 часот) и дома со Швајцарија (в недела, од 18 ч.) за заокружување на квалификациите за пласман на Европското првенство во Словачка и во Унгарија в година

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА МЕЧЕВИТЕ СО ФИНСКА И СО ШВАЈЦАРИЈА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2022

Ја остваривме нашата цел пласман на Европското првенство во 2022 година порано одошто очекувавме. Сакаме победнички да го завршиме овој квалификациски циклус за да имаме уште поголема самодоверба по победата над актуелниот светски и олимписки шампион Данска, изјави селекторот Кирил Лазаров во пресрет на денешниот собир на репрезентацијата во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.
Гостински меч кај Финска (в среда, од 17 часот) и домашна средба со селекцијата на Швајцарија (в недела, од 18 ч.) ѝ претстојат на македонската машка ракометна селекција за заокружување на циклусот квалификации за пласман на Европското првенство, кое треба да се игра во Словачка и во Унгарија во 2022 година.
– Во овие два меча би сакал да им дадам шанса на повеќе играчи, за да го зголемиме составот, да биде поквалитетен и да добиеме уште некој играч, знаејќи дека за големи натпреварувања ќе ни бидат потребни поголем број квалитетни играчи. Меѓутоа, желбите и плановите се едно, а моментната ситуација друго. Затоа, околу тоа кој ќе биде на терен в среда и в недела ќе проценам по тренинзите во пресрет на мечевите – рече селекторот и капитен Лазаров.
Во досегашниот дел од квалификациите за ЕП 2022, по четири кола Македонија забележа три победи, и тоа над селекцијата на Финска дома со 33-24, потоа над репрезентацијата на Швајцарија на гости со 25-23 и над светскиот првак Данска дома со 33-29, како и еден пораз, во реваншот на гости кај Данска со 37-21.
По четири кола, Македонија има шест бода и е на втората позиција на табелата во групата 7, во која шест бода има и Данска, Швајцарија има четири, а Финска е без бодови.
Пласман на ЕП 2022 ќе обезбедат двете најдобропласирани репрезентации од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции во групите.


ГРУПА 7

среда
Финска – Македонија 17 ч.
Швајцарија – Данска 18.30 ч.
недела
Македонија – Швајцарија 18 ч.
Данска – Финска 18 ч.

ТАБЕЛА
Данска 4 3 0 1 6
Македонија 4 3 0 1 6
Швајцарија 4 2 0 2 4
Финска 4 0 0 4 0