Американскиот претседател Џо Бајден пропагира политика за вакцинација, слична на политиките на неговиот претходник Доналд Трамп, во кои Америка е ставена на прво место, пишува „Економист“ во написот насловен „Америка ги „заклучи“ залихите на вакцини кои не ѝ се потребни“.

Богатите еворпски држави воведуваат слична практика, резервирајќи дози на вакцини, речиси исклучиво за сопственото население. Но Америка би можела да има вишок од стотоци милиони дози на вакцини годинава со сегашното темпо на имунизација, според експертите.

Америка вети четири милијарди долари за механизмот „Ковакс“ за глобално снабдување со вакцините, а донираше и четири милиони дози од „Астра зенека“ на Мексико и на Канада. Но, се верува дека чува уште 26 милиони дози од истата вакцина која уште не е одобрена за употреба во САД. Тоа е повеќе од половина од 43-те милиони дози кои беа дистрибуирани преку „Ковакс“ до 119 држави ширум светот. Администрацијата на Бајден исто така држи „под клуч“ стотици милиони дози од други вакцини.

Не е важно колку пари има „Ковакс“ ако нема што да купи. Зошто нема поголем притисок од Амерканците за глобална еднаквост – вели Андреа Тејлор од здравствениот центар на универзитетот „Дјук“.

Таа додава дека Америка би можела да пренасочи дел од дозите во странство преку „Ковакс“ или билатералните договори, или да изврши ревизија на распоредот на нејзините нарачки за да им овозможи на произведувачите да испратат вакцини во други држави. Досега во Америка се искористени 226 милиони дози вакцини, во споредба со 15-те милиони во Африка.

„Политико“ веќе пишуваше дека САД имаат значително снабдување со вакцини во написот насловен „САД имаат ковид-проблем“ – премногу вакцини“.

Покрај заштитата на Американците, главната причина за поделба на вакцините со светот е спречувањето на ширењето на заразата во другите држави и солидарноста што би можела да ја покаже Америка.