Ракометарките на Куманово ја совладаа екипата на Вардар со 27-24 на домашен терен, во вечерашното дерби од 9-то коло на Суперлигата, со што ја забележаа и осмата победа во низа.

Со вечерашната победа против еден од кандидатите за шампионската титула, Куманово останува во трката за највисок пласман, што беше зацртана цел во пресрет на сезонава.

Вечерашниот натпревар помина во знакот на домашните ракометарки кои имаа контрола врз играта и врз резултатот. Тие успеаја да ја сочуваат предноста од првото полувреме (13-10), која се покажа како одлучувачка.

Најефикасни кај победничката екипа беа Медеа Чокели со шест и Леонида Гичевска со пет гола, а кај Вардар предничеа Ивона Трпевска со седум и Милица Николиќ со шест погодоци.

Во наредното 10-то коло Куманово игра со ЖРК Овче Поле СУ во Свети Николе. Т.Д.