Едни како причина ја наведуваат пандемијата на коронавирусот, додека други, пак, сметаат дека и покрај сите индивидуални проблеми и потреби, сепак, треба да се продолжи да се дејствува како една целина

Претседателот на Надзорниот одбор на Кил, Марк Вајнсток, и претседателот на Советодавниот одбор на Фленсбург, Бој Месенбург, во заедничко интервју за „Спорт билд“, се изјаснија дека се против почетокот на сезоната во Бундес-лигата (1 октомври) и почетокот на Лигата на шампионите (ЛШ), а се залагаат и за одложување на Светското првенство (СП) во Египет во јануари 2021 година. Како причина ги наведоа пандемијата на коронавирусот и можноста ракометарите да се заразат.
– Немаме ништо против Египет, но играчите најверојатно ќе треба да бидат во карантин 14 дена по завршувањето на првенството, што нема никаква смисла. На СП ќе настапат 24 селекции, а дел од нив се од кризните корона-подрачја, па затоа СП не треба да се одржи – истакнаа Вајнсток и Месенбург за „Спорт билд“.
Но челниците на германскиот ракомет, Боб Ханинг, Андреас Мишелман и Уве Швенкер, не го делат мислењето на Вајнсток и на Месебург.

– Незамисливо е да се рече дека земја како Египет не е во можност да биде домаќин на СП во оваа форма. Сигурен сум дека Египќаните се исто толку способни да воспостават хигиенски стандарди какви што имаме ние во Германија – вели потпретседателот на Ракометната федерација на Германија, Ханинг во интервју за „Спорт 1“.
Претседателот, пак, на Бундес-лигата, Микелман, смета дека сите германски клубови ќе имаат корист од одржувањето на претстојното СП.
– Учеството на СП е важно за националното и меѓународно позиционирање на германскиот ракомет и затоа мора да биде наша заедничка волја – вели Микелман, додавајќи дека благодарение на ТВ-преносите, националниот тим може да смета на гледаност и до 10 милиони на натпреварите на СП.

Претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа, минатата недела изрази надеж дека е голема веројатноста Мундијалот во Египет да се игра и пред навивачи.
Микелман е убеден дека ИХФ и Египет како домаќин го следат развојот на ситуацијата со коронавирусот и дека се одговорни носители на одлуките врзани со организацијата и одржувањето на претстојното СП.
Вајнсток и Месенбург сакаат да го одложат и почетокот на Бундес-лигата за најмалку три месеци, но претседателот на Бундес-лигата, Уве Швенкер го отфрли нивното барање.
– Почетокот на сезоната 1 октомври силно останува во нашиот фокус. Сите сме во ист брод. Сите одлуки досега се донесени со опсежни размислувања и овие заеднички решенија продолжуваат да имаат неограничена важност – нагласи Швенкер.
Потпретседателот на федерацијата, пак, Ханинг, кој е и менаџер на бундеслигашот Фуксе Берлин, исто така ја отфрла можноста за одложување на новата сезона.
– Формула 1 се вози, фудбалската Бундес-лига се игра. Се прашувам, зошто ние не треба да играме ракомет? – вели Ханинг.

Шампионот Кил и вицепрвакот на Германија, Фленсбург, на 26 септември во Диселдорф треба да го одиграат мечот од германскиот Суперкуп, кој поради ситуацијата со ковид-19 неизвесно е дали ќе се игра пред публика.
– Свесни сме дека пред нас е многу деликатна сезона, која ќе биде тешка за сите инволвирани. Но најважно е да останеме будни и цврсти на нашиот курс и покрај сите индивидуални потреби и да продолжиме да бидеме една целина – рече Швенкер. Та.Д.