Фото: МИА

Македонската ракометна репрезентација без ниту еден освоен бод го заврши учеството во Ф-групата на Светското првенство 2023 што се игра во Полска и Шведска.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров вечерва во Краков загубија и во дуелот со Аргентина со високи 26-35.

Ова беше натпревар кој директно одлучуваше која ќе биде третата селекција од групата Ф која ќе продолжи во главната групна фаза од натпреварувањето.

И покрај најавите дека „црвено-жолтите“ по двата убедливи порази имаат сили за позитивен резултат, играта на теренот по ништо не се разликуваше од средбите со Норвешка и Холандија, па и резултатот на полувреме беше идентичен 11-18.
Аргентина во второто полувреме без проблем ја одржуваше високата предност и го приведе резултатот кон сигурна победа.

Филип Талески со пет, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по четири погодоци беа најефикасни во македонскиот тим, додека пак Диего Симонет со осум гола се истакна кај Аргентинците.

Во дерби дуелот на групата Ф вечерва од 20.30 часот се сретнат Норвешка и Холандија, двете селекции кои заедно со Аргентина одат во Главната групна фаза.

Македонија во следната фаза ќе разигрува за пласман од 25 – 32. место во т.н. Пезидент куп.