За МЗТ Скопје 16-то финале, а за Пелистер прво

КОШАРКА – ПРВА ЛИГА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарите на МЗТ Скопје и на Пелистер денеска во Скопје ја почнуваат финалната серија до три победи за шампионската титула во Првата лига. Поради подобриот резултат во регуларниот дел, МЗТ Скопје ја има предноста на домашен терен во финалната серија. За МЗТ Скопје ова ќе биде 16-то финале (има осум титули), а за Пелистер прво. Во полуфиналните дуели, скопјани беа подобри од ТФТ со 2-0, а битолчани од Еуро Никел со 2-1.
МЗТ Скопје во претходните 10 сезони, не сметајќи ја 2019/2020, која беше прекина поради пандемијата на ковид-19, редовно беше дел од финалето. Битола е вкупно деветти град во кој ќе се играат финални дуели од плејофот. Најмногу екипи во сериите за титулата имало од Скопје, пет, и тоа Работнички, МЗТ Скопје, Вардар, Вардар осигурување и Карпош соколи. Финалисти имаше уште од Кочани (Деликатес), Велес (Жито Вардар), Гостивар (Никол Ферт), Струмица (Поло Трејд и Струмица), Куманово (Куманово), Кавадарци (Фени Индустри и потоа како Еуро Никел) и од Гевгелија (Кожув).


РАСПОРЕД

МЗТ Скопје – Пелистер денеска
Пелистер – МЗТ Скопје недела
МЗТ Скопје – Пелистер 7 јуни
Пелистер – МЗТ Скопје 10 јуни
МЗТ Скопје – Пелистер 12 јуни