Македонската репрезентација загуби од селекцијата на Албанија во 3. коло на Европската сребрена лига, по што двете репрезентации се израмнија со бодовите, по четири, БиХ има два, а убедливо води Романија со девет. Најдобрите две селекции од групата ќе играат на фајналфорот во Унгарија

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Македонската машка одбојкарска репрезентација (рангирана на 23-то место во Европа) претрпи пораз од селекцијата на Албанија (рангирана на 36-то место) со 1-3 во сетови (23-25, 25-20, 17-25, 22-25) во третиот натпревар во годинашната Европска сребрена лига, одигран во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, и со тоа се искомплицираа работите во групата Б за пласман на фајналфор-турнирот.
Во вториот натпревар од ова коло, Романците беа сигурни на свој терен и убедливо ја совладаа БиХ со 3-0 во сетови и засега убедливо водат на табелата со три победи и девет бода. Македонија и Албанија имаат по четири, а БиХ два бода.
Стојан Илиев беше најефикасен кај Македонците со 20 поени, капитенот Никола Ѓоргиев впиша 15, Филип Маџунков 11, Владо Милев 8, Филип Савовски 6, Ѓорѓи Ѓоргиев два поена. Кај Албанија, како што и се очекуваше, доминираше Ќафарена со 29, а двоцифрен број поени, 16, освои и Дода.
Следниот меч македонските одбојкари ќе го играат во Тирана утре, а до крајот на групната фаза остануваат уште средбите со Романија в среда во Скопје и на 11 јуни на гости кај селекцијата на БиХ, во Тузла. Најдобрите две репрезентации од двете групи ќе се пласираат на фајналфор-турнирот во Унгарија, на 18 и 19 јуни, на кој веќе се пласираа Унгарија и Финска, од групата А. Вкупниот победник на Европската сребрена лига ќе обезбеди учество во изданието на Европската златна лига, во 2023 година.


ГРУПА Б, 3. КОЛО

Македонија – Албанија 1-3
Романија – БиХ 3-0
ТАБЕЛА
Романија 3 3 0 9-3 8
Македонија 3 1 2 6-6 4
Албанија 3 1 2 6-7 4
БиХ 3 1 2 3-8 2
Идно коло (утре): Албанија – Македонија (19 ч.), БиХ – Романија (16 ч.).