Македонскиот репрезентативец забележа 26 поени, седум асистенции, три скока и две украдени топки, за вкупно 37 индекс-поени, за само 22,26 минути на теренот. По 12 кола, Шортс е водечки кошаркар во три статистички категории сезонава, а во по една е на второто, односно на петтото место
Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс е прогласен за најкорисен играч (МВП) на 12. коло на Еврокупот. Тој имаше одличен меч, водејќи го Париз до победата дома над Хамбург со 120-91, со што францускиот клуб обезбеди пласман во плејофот, објави Еврокупот на својата интернет-страница.
Шортс на дуелот со германскиот клуб Хамбург оствари рекорд сезонава со 26 поени и 37 индекс-поени, за само 22,26 минути минати на теренот. Тој погоди 11 од 13 шута од поле и ги погоди сите четири слободни фрлања. Згора, плејмејкерот на македонската репрезентација и на Париз имаше седум асистенции, три скока и две украдени топки.
Вкупниот број на поени на Париз е вториот највисок вкупен број на сите времиња во регуларен дел на Еврокупот. Шортс сега има три признанија за МВП во 12 кола, во неговата прва сезона во Еврокупот. По 12 кола, Париз има 11 победи и еден пораз, што е најдобар резултат во двете групи, А и Б, на Еврокупот сезонава.
Шортс, пак, е водечки кошаркар во неколку статистички категории, и тоа за просечен број поени (18,1), за број на асистенции по натпревар (7,4) и за погодени шута за два поена по средба (6,3, со што е на делба на првото место). Тој е на второто место според просечниот број на индекс-поени (22,8, само 0,1 помалку од водечкиот) и е на петтата позиција според украдени топки по натпревар (2,1).
Во следното коло, кое е на распоредот во вторник, Париз одново игра дома, овој пат со екипата на Лондон. По 18 кола, првите два тима од секоја група ќе играат директно во четврт-финалето, а следните четири прво ќе настапат во осминафиналето. Н.М.