Илустрација: „Нова Македонија“

Во правниот македонски амбиент изртува една иницијатива дека ако сакаме да направиме пробив во борбата против корупцијата и организираниот криминал, мора итно да се отвори расправа за формирање три клучни органи, односно институции. Тие институции би биле:

– национално биро за
истраги

– специјално јавно обвинителство и

– специјален суд.

За издвојување е дека овие предлози подразбираат и отворање на Уставот, односно – уставни измени…

Иновативни предлози за реформи во македонскиот правосуден систем

Сериозноста во приодот од справувањето со високата корупција и организираниот (системски) криминал, сѐ погласно, почесто и со конкретни дејства од меѓународната заедница се нагласува како приоритетен услов за напредување на Македонија во нејзините евроинтеграции. Конкретната ангажираност на овој план на меѓународната заедница за поддршка на борбата против корупцијата, во една насока е реформите на правосудниот систем и враќање на довербата на граѓаните во судството, а од друга страна неопходноста од процесирање лица од високиот политички и државен естаблишмент како осомничени сторители на дела квалификувани од областа на корупцијата и високиот криминал.

Меѓународната заедница ни црта што и како треба да реформираме од областа на правосудството

Неодамна, евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, ги претстави во јавност 40-те препораки на Оценската мисија на ЕУ за реформирање на судскиот систем, почнувајќи од Судскиот совет. Амбасадата на САД во Македонија, речиси секој месец објавува некоја високопозиционирана личност од земјава, било од политиката или бизнисот, како непосакувана за соработка од американските институции. Тоа на своевиден начин е само укажување за неопходноста од вклучувањето на домашните надлежни институции во насока на процесирање на овие случаи во македонскиот правосуден систем, што се чини дека не се случува, или се очекува заборавот да ги релативизира сомнежите за корупција и организиран криминал.

Предлог до јавноста и до надлежните од страна на поранешниот судија, а сега адвокат, Владимир Туфекџиќ 

– Нашите политичари декларативно се изјаснуваат дека се против корупцијата и сакаат да се посветат на борбата против неа, но од нивното однесување во практиката се стекнува впечаток дека тоа не е така. Ако сакаме да направиме пробив во борбата против корупцијата и организираниот криминал, ние мора итно да отвориме расправа за формирање три клучни органи, односно институции. Тие институции би биле:

1. национално биро за истраги
2. специјално јавно
обвинителство и
3. специјален суд.
Овие предлози подразбираат и отворање на Уставот, односно – уставни измени. Секако, овие институции би биле профилирани за висока корупција и криминал. Тоа е мој предлог и ќе гледам да го процесирам до собраниската комисија за политички систем – ја претстави јавно адвокатот Владимир Туфекџиќ својата конкретна правна визија за вистински посветена борба против корупцијата и организираниот криминал.
Туфекџиќ самиот е свесен дека првата недоверба на јавноста за идејата на трите нови институции за борба против корупцијата е фактот за постоењето и пропаста на веќе едно Специјално јавно обвинителство.
– Уште кога се формираше СЈО кажав дека е осудено да ја доживее таа судбина што вистински ја доживеа. Зашто не може да се формира само специјално јавно обвинителство, без специјален суд и национално биро за истраги. Едно без друго не оди – вели тој.

Туфегџиќ образложува: Инертноста на македонскиот истражно-правосуден систем во однос на правното процесирање ја наметнува потребата за формирање на трите независни институции

Тоа ќе бидат институции, кои во една законска процедура ќе бидат форматирани и чие формирање мора да се случи со двотретинско мнозинство. Мора да имаат широка поддршка.
Сега не можам да препознаам кај политичките партии некоја голема волја за борба против корупцијата и организираниот криминал, вели адвокатот Туфекџиќ.
Според Туфекџиќ, инертноста на македонскиот истражно–правосуден систем во однос на правното процесирање на укажувањата за корупција и организиран криминал од меѓународната заедница ја наметнува потребата за формирање на трите независни институции што тој ги предлага.
– Ние тешко прибираме докази, а американската амбасада добро работи и врз основа на докази ја форматира својата црна листа за корумпирани личности од Македонија. Еве, барем по една високопрофилирана личност од политиката или бизнисот од Македонија се додава на американската црна листа… Непроцесирањето на случаите во Македонија, што од САД се ставени на црна листа, ја покажува потребата од формирање на институциите што ги предлагам – национално биро за истраги, специјално јавно обвинителство и специјален суд. Институции што ќе бидат апсолутно независни, зашто само така има логика да се борите со организираниот криминал и корупција – нагласува Туфекџиќ.

Што поширок консензус при изборот на носителите на највисоките функции во правосудството

За ефикасна борба против корупцијата, адвокатот нагласува дека прво ни е потребен државен јавен обвинител што ќе биде избран со двотретинско мнозинство.
– Само така се праќа порака дека избраната личност има широк консензус на поддршка, во која се има доверба. Од изборите на обвинител со просто мнозинство, резултатот веќе го знаеме. Резултатот е ова што денес го имаме, а го имало и во претходниот период. Не било никогаш блескаво, меѓутоа, сега состојбите ескалирале до тој стадиум, што веќе не може да функционира нормално судскиот систем, со 3 отсто доверба – констатира Владимир Туфекџиќ.
Сепак, за успех на борбата со корупцијата и организираниот криминал, се смета дека без помош и логистика од меѓународната заедница, особено од САД, тоа е речиси невозможна мисија. Создавањето политичка клима и амбиент во Македонија, заснован на свест и разум, и потреба нешто да се смени во борбата против корупцијата и организираниот криминал, во актуелната политичка поставеност, речиси е невозможно да се случи доколку тоа не го наметне меѓународниот фактор. Но, секако, правниот начин на справувањето со овие општествено девијантни појави мора да се спроведе автентично, низ македонскиот правосуден систем.

М-р Владимир Туфегџиќ