Македонскиот репрезентативец доби најмногу гласови од тренерите и од капитените на тимовите, како и од гледачите и од спортските новинари. Тој беше прогласен за МВП и лани, во ЛШ на ФИБА, во која триумфира со германски Бон. Париз во првиот финален меч на Еврокупот дома го совлада Бурж со 77-64
КОШАРКА
Македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на францускиот клуб Париз, Ти Џеј Шортс, и официјално е избран за најкорисен играч (МВП) на Еврокупот за сезонава. Шортс, кој игра на позицијата плејмејкер, доби најмногу гласови од тренерите и од капитените на тимовите, како и од гледачите и од спортските новинари.
Шортс, кој сезонава дебитира во Евролигата, маестрално го предводеше својот тим сезонава (20 победи и само еден пораз пред пласманот во финалето), забележувајќи 20,7 поени, 4,3 асистенции, 2,2 скока и две украдени топки во просек по натпревар. Тој беше прогласен за МВП во три кола во регуларниот дел од сезоната и потоа и во четврт-финалето и во полуфиналето.
На добар пат е да го заокружи својот успешен настап во Еврокупот со освојување на првото место, а со тоа да му обезбеди во следната сезона настап на својот клуб во повисок ранг на натпреварување, во Евролигата. Шортс беше прогласен за МВП и лани, во Лигата на шампионите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА), во која триумфира со германски Бон, пишува Еврокупот.
Кошаркарите на Париз се на еден чекор до пласман во Евролигата, откако во првиот финален натпревар во Еврокупот на свој терен го совладаа Бурж, исто така, од Франција, со 77-64 (23-11, 31-20, 11-12, 12-21). Притоа Шортс, за 24,29 минути на теренот, повторно беше во вистински елемент, беше прв стрелец со 15 поени, додавајќи уште три скока, четири асистенции и две украдени топки. Вториот натпревар од финалната серија што се игра до две победи на програмата е утре, во Бурж. Г.И.