КОШАРКА – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Србија прва се пласира во полуфиналето и в петок ќе игра со победникот од дуелот Словенија – Канада. Во второто полуфинале ќе се сретнат победниците на мечевите Италија – САД и Германија – Летонија
Кошаркарската репрезентација на Србија прва се пласира во полуфиналето на Светското првенство (СП) во Јапонија, Индонезија и Филипини. Во четврт-финалето избраниците на селекторот Светислав Пешиќ во Манила ја совладаа Литванија со 87-68 (24-25, 25-13, 24-17, 14-13) и во полуфиналето на Мундијалот ќе играат в петок со подобриот од дуелот денеска помеѓу Словенија и Канада. Со оваа победа Србија ги зачува шансите и да се најде меѓу двете најдобри европски селекции на ова СП кои ќе се пласираат на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година.
Капитенот Богдан Богдановиќ беше најефикасен со 21 поен, Филип Петрушев уфрли 17, Стефан Јовиќ 11… Кај Литванците, најпрецизен беше Тадас Седекерскис со 14 коша, Рокас Јокубаитис додаде 13, додека Јонас Валанчиунас и Игнас Браздеикис реализираа по 11 поени.
Во второто четврт-финале на СП 2023, играно вчера попладне, се сретнаа Италија и САД. Подобриот од овој дуел во второто полуфинале на Мундијалот ќе игра со победникот од денешниот натпревар Германија – Летонија (10.45 ч.). Полуфиналните дуели се закажани за петок, а мечевите за бронзениот и за златниот медал ќе се играат в недела, во Филипини. Г.И.