По првите три кола, во кои не изостанаа и сензационални победи, а горчината на поразот ја почувствуваа светскиот првак Шпанија, европскиот шампион Словенија и олимпискиот вицешампион Франција, меѓу 16-те најдобри на ЕП 2022 веќе се Германија, Словенија, Франција (група Б), Украина, Грција (група Ц) и Србија (група Д)
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА МАЖИ
Шест репрезентации по одигрувањето на третото коло по групи веќе обезбедија пласман за осминафиналето на Европското првенство (ЕП) во кошарка. Меѓу 16-те најдобри се Германија, Словенија, Франција (група Б), Украина, Грција (група Ц) и Србија (група Д). ЕП 2022 се игра во Тбилиси (Грузија), Келн (Германија), Милано (Италија) и во Прага (Чешка), а од осминафиналето сите мечеви ќе се играат во Берлин.
На ЕП досега беа видени многу возбудливи натпревари со неизвесни завршници, понекое искричење меѓу играчите на теренот, но и понекоја чудна одлука на судиите. Не изостанаа ни сензационалните победи, а горчината на поразот во оваа фаза ја почувствуваа светскиот првак Шпанија, европскиот шампион Словенија и олимпискиот вицешампион Франција.
Белгија и Украина засега се најпријатните изненадување на ЕП 2022. Белгија ги совлада Грузија и Шпанија, а Украина славеше над Велика Британија, Естонија и над Италија. Најголеми разочарувања се Литванија, која како фаворизирана селекција забележа три пораза, и трофејната Италија, која двапати загуби. На ЕП досега по 100 и повеќе поени по натпревар постигнаа селекциите на Србија (двапати точно по 100), Шпанија (114), Турција (101), Словенија (103), како и на дуелот Литванија – Германија (107-109, но по две продолженија). По три кола, најмногу кошеви постигна Словенија (288), Србија има најдобра кош-разлика (плус 67), максимални три победи имаат Германија, Украина, Грција и Србија… Г.И.