Шортс беше прогласен за МВП во основниот дел, во плејофот и во финалето, со 23,4 просечни индекс-поени, што е нов рекорд. Париз дојде до титулата со 22 победи и еден пораз, што е најдобар резултат во историјата на ова натпреварување, пишува Еврокупот
КОШАРКА
Кошаркарската Евролига доби нов учесник, а трет француски клуб, кој ќе дебитира наесен во најсилното европско клупско кошаркарско натпреварување. Тоа е победникот на Еврокупот, Париз, во чии редови игра и македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс, кој пред една година триумфира и во Лигата на шампионите (ЛШ) на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) со германски Бон, а беше и најкорисен кошаркар (МВП) на тоа натпреварување.
Годинава Париз беше супериорен во Еврокупот, откако во финалето го совлада француски Бурж, дома (77-64) и на гости (89-81), што беше доволно за да биде вкупен победник. На првиот дуел Шортс постигна 15, а на вториот 22 коша. Париз дојде до титулата на убедлив начин, забележувајќи 22 победи и само еден пораз, што е најдобар резултат во историјата на ова натпреварување, пишува Еврокупот.
Шортс беше прогласен за МВП во основниот дел, во плејофот и во финалето, со 23,4 просечни индекс-поени, што е, исто така, нов рекорд во оваа категорија. Досегашниот рекорд беше 22,8 индекс-поени, во сопственост на Мајкл Рајт. Шортс, кој сезонава дебитира во Еврокупот, маестрално го предводеше својот тим, забележувајќи пред пласманот во финалето просек од 20,7 поени, 4,3 асистенции, 2,2 скока и две украдени топки по натпревар. Г.И.