Во финалето на фајнлфорот во Берлин, екипата од Атина го совлада бранителот на титулата Реал Мадрид со 95-80
КОШАРКА – ЕВРОЛИГА
Панатинаикос е новиот шампион на Европа. По седми пат во својата историја, откако тоа претходно го направи во 1996, 2000, 2002, 2007, 2009 и 2011. Тоа е крајниот епилог по одиграниот фанлфор-турнир во салата „Убер“ во Берлин (Германија). Во финалето, екипата од Атина го совлада бранителот на титулата, шпански Реал Мадрид со 95-80 (25-36, 24-18, 15-7, 31-19). Грчкиот тим чекаше 13 години за повторно да се искачи на тронот, додека Реал Мадрид, и покрај поразот, останува најтрофеен клуб со 11 пехари.
Расплетот на финалниот меч почна на пет минути пред крајот, кога најдобриот играч (МВП) во финалниот дуел Костас Слукас со две „тројки“ му донесе позитива од осум коша на својот тим (79-71), по што полека се наѕираше победникот. Слукас беше и најефикасен на мечот со 24 поени, додека Кендрик Нан уфрли 21, Матијас Лесор 17 за победничкиот тим, а Џанан Муса со 15, Факундо Кампацо со 12 и Серхио Родригез со 11 беа најпрецизни за шпанскиот претставник.
За искусниот Слукас, ова е третиот клуб со кој стана првак во Евролигата, по Фенербахче и Олимпијакос, додека новиот тренер на овој клуб од оваа сезона, Турчинот Ергин Атаман, освои три европски титули со два тима, Анадолу Ефес (двапати) и еднаш со Панатинаикос, во изминатите четири сезони.
– Ова се неверојатни емоции. Нѐ гледаа 15.000 луѓе во Берлин. Го заслуживме овој голем успех. Имавме одлична сезона. Вечерва губевме со 15 поени, им дозволивме да ни дадат 36 поени во првата четвртина, но потоа се вративме во натпреварот. Ова е еден од најимпресивните резултати во историјата на европската кошарка. Да се води екипа што минатата сезона заврши на 17-то место, па сѐ до европската титула… Многу сум среќен и горд – рече по мечот тренерот на Панатинаикос, Атаман, кој оваа победа му ја посвети на неодамна починатиот татко.
Кошаркарите на Олимпијакос го освоија третото место во Евролигата, совладувајќи го турски Фенербахче со 87-84. Кај грчкиот тим најефикасен беше Алек Петерс со 20 поени, додека во поразениот состав Дешон Пјер беше прв стрелец со 19 постигнати поени. Во полуфиналните дуели, Панатинаикос го совлада Фенербахче со 73-57, додека Реал Мадрид беше поуспешен од Олимпијакос со 87-76. Г.И.