Фото: кфм

КОШАРКА – ЕП ЗА КАДЕТИ

  • Вчера беше ден за одмор на ЕП, а денеска следува нов предизвик за црвено-жолтите надежи во борбата за пласман од деветтото до 16. место

Македонските кадети го затворија групниот сегмент на Европското првенство (ЕП) во кошарка (за играчи до 16 години), со пораз од Украина (70-84) и постигнат ефект од две победи и три порази, со што го освои четвртото место во конечниот поредок во групата Б во Гевгелија, зад Хрватска и Исланд и Украина, а пред Кипар и Швајцарија. Вчера беше ден за одмор на ЕП, а денеска нов предизвик за црвено-жолтите надежи во борбата за пласман од деветтото до 16. место, но сега во „Т Арена“ во Скопје. Прв противник е Ирска (18.30 ч.), која беше трета во групата А со шест бода (три победи и еден пораз).
– Имавме перфектен старт против Украина, токму онака како што беше нашиот план. Но веднаш штом противникот почна да нѐ притиска, пак влеговме во лоши одлуки. Особено против зонската одбрана немавме вистинско решение. Премногу шутиравме, а шутот едноставно не нѐ служеше. Имавме борбеност, но не успеавме да профитираме од 26-27 изгубени топки на Украина. Исто така, 62 скока за противникот се недозволиви. Најголем проблем беше што не игравме доволно брзо против нивната зона, што ни создаваше најголеми проблеми во нападот.

Сега гледаме напред и се подготвуваме за кого и да e. Одиме во Скопје со желба да го покажеме нашето вистинско лице – одбрана, борбеност и енергија – изјави македонскиот селектор Дејан Стојановски, по поразот од Украина., пренесе КФМ.
По првата фазата, во четврт-финалето се пласираа првите две селекции од четирите групи, а тоа се: Црна Гора (7 бода) и Холандија (7) од групата А, Хрватска (10) и Исланд (9) од Б, Шведска (9) и БиХ (9) од Ц и Велика Британија (7) и Естонија (7) од групата Д. Денеска во четврт-финалето во Гевгелија ќе играат: Црна Гора – Исланд (13.30 ч.), Велика Британија – БиХ (16), Хрватска – Холандија (18.30) и Шведска – Естонија (21 ч). Денешните двојки, пак, за пласман од деветтото до 16. место се: Украина – Шведска (13.30 ч.), Бугарија – Австрија (16), Ирска – Македонија (18.30) и Унгарија – Финска (21), а се играат во „Т Арена“ во Скопје.
За одбележување е и тоа што претседателот на европската зона на ФИБА, Хорхе Гарбахоса, повторно е во Македонија, овој пат во посета на Гевгелија, каде што и го проследи мечот меѓу Македонија и Украина. Откако пред извесен период ѝ беше гостин на Младинската кошаркарска конвенција во Скопје, првиот човек на ФИБА Европа повторно допатува во Македонија, овој пат по покана на раководството на КФМ и градоначалникот на Општина Гевгелија. Г.И.


РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО

Хрватска – Исланд 80-53
Украина – Македонија 84-70
Кипар – Швајцарија 64-44

ТАБЕЛА, ГРУПА Б
Хрватска 5 5 0 510-244 10
Исланд 5 4 1 585-342 9
Украина 5 3 2 349-374 8
Македонија 5 2 3 373-422 7
Кипар 5 1 4 273-356 6
Швајцарија 5 0 5 270-422 5