ФУДБАЛ
- Овој сеопфатен ресурс ќе им биде достапен на судиите, фудбалерите, тренерите, коментаторите и на гледачите низ цела Европа, со цел да се зајакне разбирањето на судиските одлуки и да се промовира поуниформна примена на правилата на играта низ целиот спорт, пишува УЕФА
Европската фудбалска унија (УЕФА) ја лансира платформата „Клиар лајн“ („Clear Line“), значајно ново складиште на судиски ситуации, дизајнирано да донесе поголема јасност, доследност и транспарентност во донесувањето одлуки низ целиот европски фудбал, објави УЕФА. Главните судии на сите земји членки на УЕФА ја одобрија платформата како референтна рамка за доследна и униформна примена на судиските одлуки и интервенциите на системот видеопомошник-судија (ВАР) на домашно и на европско ниво.
Платформата обединува повеќе од 150 судиски сценарија, обезбедувајќи детални упатства за тоа како треба да се толкуваат правилата на играта и кога ВАР треба, и не треба, да интервенира во специфични ситуации, на домашно и на меѓународно ниво. Платформата зајакнува еден од основните принципи на протоколот ВАР, видеопрегледот треба да се користи само во случаи на јасни и очигледни грешки, пишува УЕФА.
Со тоа што овој сеопфатен ресурс ќе им биде достапен на судиите, фудбалерите, тренерите, коментаторите и на гледачите низ цела Европа, УЕФА има цел да го зајакне разбирањето на судиските одлуки и да промовира поуниформна примена на правилата на играта низ целиот спорт. Преку широк спектар на видеа и визуелни објаснувања, оваа платформа нуди вреден увид во образложението зад одлуките во многу од најсложените и најдискутирани ситуации во фудбалот. Платформата ќе продолжи да се развива со текот на времето и ќе се ажурира секогаш кога ќе се појават нови ситуации или кога е потребно дополнително разјаснување за специфични сценарија, пишува УЕФА. Н.М.

































