КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
Квалификантот Мајами продолжува со серијата победи во плејофот на кошаркарската НБА-лига, откако победи на гости во првиот меч од второто коло, кај Њујорк, со 108-101. Мајами сезонава има пет победи од шест натпревари во плејофот, а во првото коло го победи првиот носител Милвоки со 4-1 во победи.
Во второто коло со 1-0 поведе и Денвер, со триумфот дома на мечот со Феникс, со 125-107, а последен во втората рунда на плејофот се пласира Голден стејт, со победата во седмиот меч од првото коло со Сакраменто, на гости, со 120-100. На тој меч Стеф Кари со постигнатите 50 поени постави личен рекорд во плејофот и рекорд на НБА-лигата за седми натпревар во една плејоф-серија. Досегашниот рекорд го држеше Кевин Дурант во дресот на Бруклин во 2021 година.
Актуелниот првак Голден стејт во втората рунда ќе игра со Лос Анџелес лејкерс, кој, исто така, сезонава играше прво во квалификациите за пласман во плејофот. Во четвртата двојка од второто коло, Филаделфија, која единствена во првото коло сезонава не претрпе пораз, ќе игра со Бостон. Се игра до четири победи. Н.М.