Фото: Игор Бансколиев

Селекторот Јончевски речиси со истиот состав со кој играше во ноември со
Данска и со Норвешка ќе им се спротивстави на Словачка (утре) и на Норвешка (в недела), двете на гости. И Словачка нема да настапи во најсилниот состав, хендикеп е неиграњето на повредените Ихринг и Кернер, но се враќа
Бродзијански

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Македонската кошаркарска репрезентација отпатува за Левице, каде што утре (од 18 ч.) треба да го одигра натпреварот од петтото коло, со Словачка, во претквалификациите за пласман во главните квалификации за настап на Европското првенство (ЕП) во 2025 година во Летонија, Кипар, Финска и во Полска. Овие претквалификации во групата Д Македонија ќе ги заокружи в недела, во Осло, каде што ја очекува и меч со Норвешка (од 18 ч.). Во августовскиот циклус, лани во Скопје, Македонија ја победи Словачка со 79-75.
Селекторот на Македонија, Алксандар Јончевски, речиси со истиот состав од 12 кошаркари со кој играше во ноември во Гевгелија со Данска и со Норвешка ќе им се спротивстави сега на Словачка и на Норвешка. Ново име меѓу 12-те играчи на „црвено-жолтите“ е крилниот центар Лејсон Зеќири.
– Имаме четири бода, но еден кикс може да нѐ врати долу на табелата. Можеме да очекуваме тешки натпревари, бидејќи секоја селекција има свои математики. Имаме два-три дена да се подготвиме и да видиме како ќе настапиме. Ќе видиме дали ќе промениме нешто во тактиката, бидејќи веќе одигравме два натпревара со истите репрезентации. Очекувам позитивен исход. Ја победивме Словачка дома, во исклучително тежок натпревар, во кој во поголемиот дел бркавме негатива. Научивме доста од тој натпревар како да пристапиме на возвратниот. Двете селекции имаат измени од тој натпревар. Ние ќе ги немаме Димитријевиќ и Јакимовски, а Словаците ќе сметаат на нивниот најдобар играч Бродзијански. Верувам дека и тие се подготвуваат за игра на победа, па ќе видиме како тактички ќе одговориме на промените. Целиме на една победа, а секако дека ќе играме на две победи – вели Јончевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
И Словачка нема да настапи во најсилниот состав. Во споредба со мечевите лани, хендикеп е неиграњето на повредените Марио Ихринг (девет поени и шест асистенции на средбата со Македонија) и на Ричард Кернер (17 поени со едно промашување, 5/5 за еден поен, 3/4 за два, 2/2 за три). Двајцата беа во првата петорка на тој меч со Македонија во август лани, во Скопје.

– Составот на репрезентацијата беше многу едноставен, оти изборот не беше многу голем. Можеби два-тројца не дојдоа поради некои причини, а ги одбрав оние што мислам дека во моментов се во добра форма – изјави селекторот Арамис Наглиќ за тамошните медиуми.
Најголем проблем за Словачка, според зборовите на Наглиќ, ќе биде крилната позиција. Давид Новак и Виктор Јуричек не одиграле ниту една минута во овие претквалификации, а дебитант е Мартин Даниелич.
– Сакам да го тестирам Даниелич, имам добри информации за него од тренерите. Мислам дека тоа може да биде добра мотивација за него, како млад играч. Нема да менуваме многу во играта, оти немаме многу време, а во одбраната мора да се подготвиме добро, особено за Македонија. Дефинитивно ќе се бориме докрај – вели Наглиќ.
По четири кола, Македонија води во групата Д со осум бода, Норвешка и Словачка имаат по шест бода, а Данска четири. За пласман во главните квалификации за ЕП 2025 на црвено-жолтите ќе им биде потребна барем една победа од претстојните две средби. Во случај на ист број бодови, прво решава меѓусебниот резултат.
Состав: Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Војдан Стојановски, Дамјан Робев, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Ти-Џеј Шортс, Теодор Симиќ, Стојан Ѓуроски, Лејсон Зеќири, Андреј Маслинко, Страхил Николов. Г.И.