Во корист на сопствената штета

Македонските новинари, во организација на ЗНМ и ССНМ, излегоа на протестен марш од Владата до Собранието и го кренаа својот глас за актуелните состојби во новинарството и понижувачкиот и потценувачки однос во кој се наоѓаат денес новинарите и медиумите. Добро е што конечно новинарите се сетија еднаш и за себе јавно да проговорат за состојбите и проблемите со кои се среќаваат во своето секојдневно работење, но се плашам да не е премногу доцна.
На една национална телевизија, на која учествуваат и голем број македонски пејачи, има една српска музичка емисија „Никогаш не е доцна“. Во таа емисија многу пејачи, кои од разни причини не успеале во младоста да се докажат, сега, во сериозни години ги покажуваат своите извонредни музички квалитети. Слушајќи ги како прекрасно пеат, публиката и самите тие велат дека е штета што доцна се сетиле да „пропеат“.
Иако можеби ќе звучи цинично, сепак сѐ ми се чини дека новинарите (пре)многу доцна се сетија да „пропеат“ за своите маки и проблеми. Но, сепак, да се надеваме дека како и во емисијата „Никогаш не е доцна“ така и за состојбата во медиумите сѐ уште не е (пре)доцна гласно да се проговори за, ако не се решат, барем да се ублажат состојбите.
Долги години, па може да се рече дека дури и со децении најголемиот број новинари молчеа и немаа храброст отворено да зборуваат за своите маки и проблеми. Додека наоѓаа време и простор да зборуваат и пишуваат за проблемите на најголемиот број оштетени или маргинализирани категории граѓани, за рибари, ловџии, занаетчии, винари, тутунари…, немаа ни храброст ни време ни простор да прозборат за проблемите со кои тие се среќаваа. Затоа, ми се чини дека протестниот марш што го организираа новинарите и медиумските работници во одбрана на професијата дојде задоцнето.
На времето, во т.н. едноумие, во самоуправниот социјализам, кога државата ги покриваше сите трошоци на медиумите и кога беше привилегија и чест да се биде професионалец новинар, сите обесправени граѓани кога имаа проблеми и маки, својот спас го бараа кај новинарите и медиумите. Тие, во најмала рака, беа рамо за плачење, но и рака за поддршка. „Ќе те напишам во весник!“, им се закануваа на тие што ги злоупотребуваа и малтретираа. И кога некој ќе се најдеше на насловните страници во весниците или во ударните вести, за какви било злоупотреби и поигрувања со судбината на луѓето, по правило тоа беше невиден срам, кој тешко можеше да се избрише. Оттаму, новинарите во тоа време ги сметаа за седма сила, која, ако не секогаш, тогаш по правило беше на браникот на одбрана на обичните граѓани.
Иако не сакам да се стекне впечаток дека сум носталгичен кон минатото, сепак со своето речиси петдецениско новинарско искуство имам право да кажам дека во тоа т.н. „едноумие“ новинарите, иако од страна на властите беа добро и навреме платени, сепак не дозволуваа големата риба да ја јаде малата и во најголем број случаи се спротивставуваа на најголемиот број неправди.

Денес, сакале да признаат повеќето од новинарите или не, за добар дел од состојбата во која се наоѓаат вината лежи и во нив самите, бидејќи дозволија да работат под сите стандарди и во нивните редови се инфилтрираа огромен број, најблаго речено, самонаречени новинари, фејсбук-новинари и наводни фриленсери, кои ја доведоа професијата на дното и го девалвираа новинарството. Во ситуација кога со појавата на интернет-порталите и социјалните мрежи секој стана новинар, уредник и сопственик, на голема врата во медиумската сфера царува непрофесионалноста, „фејк“ и „рекет“ новинарството. Денес во Македонија секој може да биде „новинар“. Само за оваа професија не се потребни никакво образование и квалификација. Секој што има мобилен телефон денес стана „сопственик на медиум“ или „новинар“, кој не избира начини и методи како да ја освои публиката.
Таквите „новинари“ што не подлежат на законски санкции најчесто со лажни, измислени или копирани вести и информации, денес изигруваат големи и релевантни новинарски пера, кои имаат многу „лајкови“ и кои од своите спални соби или подруми се „борат за вистината“ и имаат „храброст“ да пишуваат отворено и бескомпромисно. И наместо да се заштитат од таквите наводни борци за слободно новинарство, новинарите и еснафските новинарски организации, а и некои (не)професионални медиуми се фатија во нивното оро.
Асоцијацијата на печатени медиуми, чии членки во чекор со времето ги прифатија и ги применија дигиталните технологии и социјалните мрежи, подолго време предупредува дека во новинарството мора да се почитуваат професионализмот, етичкиот кодекс и кредибилното и професионално новинарство, каде што ќе се почитуваат и применуваат стандардите. Професионалните новинари и редакции со години предупредуваа на ваквите состојби и да му се стави крај на хаосот што ни се наметнува, но, за жал, никој уво не го болеше за тоа и ни се наметнуваше филозофијата дека тоа е новото време, во кое нема само новинарите да ја информираат јавноста, туку дека тоа е право на сите.

Денес, откако во државата се накотија стотици „пиар-новинари“, самонаречени „фриленсери“ или „независни новинари“, новинарската професија е една од најисвирканите професии во државата, на која сѐ помалку ѝ се верува. За жал, голем придонес во тоа имаат и властите, кои пред десетина години направија вистински упад во новинарството кога најголемиот број новинари, сниматели, фоторепортери ги зедоа од редакциите и како пиар-вработени ги вдомија во министерствата, државните и јавните претпријатија, локални самоуправи, агенции… Сите тие медиумски пиар-работници беа ангажирани да ги промовираат успесите и постигнувањата на своите „работодавци“, но, за жал, најчесто еднострано. Па, така, се случи тоа што сега ЗНМ го констатира дека државата денес има најголема новинарска агенција, која нема потреба од новинари и медиумски работници. Таквото цунами голем број редакции и медиуми не го издржаа и згаснаа. Во Македонија во изминатиот период згаснаа голем број медиуми, а од над стотина печатени медиуми останаа само неколку, кои на прсти можат да се избројат.
Само во Битола во изминатите неколку години се затворија и згаснаа голем број медиуми: ТВ Орбис, ТВ Мега, ТВ Меди, Радио Битола, Радио 105, Радио Делфин, весниците „Его“, „Без навреда“, „Зелена берза“, „Инфомагазин“… Дури над 130 новинари, камермани и медиумски работници во Битола останаа без работа или ја сменија професијата, но за тоа никој никогаш ништо не прозборе.
За жал, голем придонес во тоа даде и државата, сметајќи дека доколку финансиски им помага на професионалните редакции и медиуми, каде што се почитуваат сите стандарди во новинарската професија, тоа би било наводно корупција. На таа јадица се фатија и новинарските здруженија, кои во името на слободното новинарство се откажаа од државната помош или субвенциите. Наводно тоа се косело со европските норми и стандарди.
А искуствата зборуваат дека во голем број земји во Европа постојат и се применуваат директни субвенции, особено во печатените медиуми. Такви директни субвенции има во Франција, Австрија, Данска, Норвешка, Финска, Шведска, Холандија… Во најголемиот број земји од ЕУ има и даночни олеснувања и намалување на трошоците за печатените медиуми.

Укинувањето на субвенциите од страна на тогашната влада во 2003 година беше директен удар врз печатените медиуми, кои работаат во навистина исклучително тешки услови. Субвенциите, без оглед што не беа големи, овозможуваа повеќето печатени медиуми да опстанат на пазарот. Нема држава во Европа и светот без субвенции, или олеснувања по разни основи за печатените, па дури и за дел од електронските медиуми.
За жал, кај нас работите не се одвиваат според проверениот рецепт во целиот свет. Наместо со закон да се најдат најдобрите решенија за опстанок на медиумите и медиумските работници и да се поддржуваат медиумите, кои во извршувањето на својата и тоа како тешка професија ги почитуваат професионалните стандарди и кодекси, кај нас субвенциите за печатените медиуми од година на година се намалуваат, откако пред некоја година се воведоа повторно. Но со нивното константно редуцирање, повторно се доведува во прашање опстанокот на оние неколку преостанати печатени медиуми кај нас. Така се доведовме во ситуација вистината за тоа што ни се случува да ни ја промовираат некои квазиновинари, фриленсери, тиктокери, јутјубери, кои за да се изборат за еден лајк повеќе се подготвени да пишуваат не само против сите што не ги плаќаат туку, ако треба, дури и против себе.