Фото: Горан Анастасовски

Кога пред 18 години почнав да работам во „Ре-медика“, за мене беше битно таму каде што работам да создадам услови со кои ќе може да генерирам вредности, вели проф. д-р Ѓорѓи Оровчанец, кој е учесник во развојот и растот на првата приватна општа болница. Д-р Оровчанец е лидер во ласерската ОРЛ-хирургија, не само во земјава туку и во регионот, и зборува за условите за работа, вистинските вредности, достапноста на услугите и создавањето нови успешни генерации, за што смета дека е од врвно значење

Проф. д-р Ѓорѓи Оровчанец создава нови генерации што работат на ласерска ОРЛ-хирургија

Вашата соработката со „Ре-медика“ трае 18 години, колку и што постои болницата. Бевте сведок и учесник во брз развој и модернизација. Може ли да се заклучи на што се должи успешната работа?
– „Ре-медика“ беше прва приватна општа болница, а мене ми се допадна концептот што се градеше. Од една страна имав можност да дојдам наутро порано и да завршам сè што треба и да се посветам на други активности, како професорските, а во еден период бев и пратеник. За мене беше битно таму каде што работам да создадам услови со кои ќе може да генерирам вредности. Значи да добиеме опрема што е современа и нуди нови техники и можности во однос на онаа за конзервативна работа. Во моментов, кога мојот ангажман е постојан, имаме полна екипираност и во дијагностичка и во технолошка смисла, како и со кадар. Работиме врвна ендоскопска хирургија во која имаме можност за користење четири различни ласери. Ние сме единствени во Македонија и во регионот и според опремата и според оперативните техники што ги користиме.
Она што е најжално е што за некои од оперативните техники со кои може да се заврши голема работа и обезбедуваат цела низа придобивки и олеснувања за пациентите повеќе знаат надвор во регионот отколку нашите хирурзи. Имаме пациенти од целиот регион. Имаме и опрема што ја немаат сите во регионот. На пример, со ЏЕТ-апаратот за анестезија можеме да работиме операции без да му се постави тубус на пациентот. Самиот принцип на таа анестезија овозможува да работите со двете раце под микроскоп, што е привилегија за оној што оперира, но значи и поголем успех при интервенцијата.
Можам слободно да кажам дека за 18 години ние одлично еволуиравме, а кај нас континуираната медицинска едукација не е само флоскула што се користи. Ќе појдам од себе, јас лично ја практикувам. Ние редовно се едуцираме за да можеме да воведеме методи што не се применувале и за да дојдеме во ситуација да ги применуваме самостојно. Дополнително, напредокот го споделуваме со научната јавност. Така, со колега од Белград направивме заеднички материјали, кои заедно со материјали од други европски центри се употребени во формирање класификација на операции во ласер-хирургијата на ларингсот. Тие се прифатени од Европската оториноларинголошка конфедерација и тоа е доктрина што сега се применува.

Како искусен и докажан хирург и професор, важите за еден од оние што силно се посветени во создавањето нови генерации лекари на кои безрезервно им ги пренесувате знаењето, умешноста и професионалноста. Што е она што ги прави препознатливи и успешни вашите методи во создавањето на иднината во здравството?
– Кога ја почнав соработката со „Ре-медика“, на специјализација беше д-р Весна Петреска Дуковска. Работевме со неа, а таа следеше што работам. Таа покажа и посветеност кон работата и дека има доволен капацитет за да може да работи. Стигнавме до тоа да заврши со докторат во „Ре-медика“ и сега е вонредна професорка. Имаме уште еден млад колега, д-р Николче Маркоски, специјалист и одличен работник. Тој се адаптираше на условите во кои работиме како специјалист, длабоко навлегувајќи во решавање на проблемите.
Сите млади, кога ќе почнете да работите со нив, веќе имаат некој свој потесен интерес, област во која сакаат да се движат. Но како станува збор за развојот и едукацијата, јас секогаш сум присутен покрај нив, па и кога работат самостојно. Присуството обезбедува сигурност и за пациентот и за лекарот. Иако мене тоа ме чини повеќе ангажман, сметам дека е од врвно значење. За хирургот да дојде во состојба самостојно да работи, тој мора растоварено да стигне до едно одредено ниво. Ќе апсолвира одредени проблеми, ќе ги сфати, како ќе еволуира така ќе излегуваат нови предизвици и ќе ги совладува. Тоа е цел процес и навистина е значајно да имаш со кого да го поминеш. На овој начин успеавме да создадеме тим што одлично функционира по сите светски стандарди.
Мотивот ми е следната генерација по мене да има медицинска заштита што ќе биде подобра, попристапна. Станува збор за развиена свест. И така треба да биде секаде. Проблемот кај нас е што политиката, која е длабоко навлезена во здравството, прави да се создава негативна селекција во која не се избираат најдобрите туку најлојалните или политички подобните. Тоа е карцином на општеството и во „Ре-медика“ го нема тоа. Овде владеат вистинските вредности.

Фото: Горан Анастасовски

За што најмногу го бараат пациентите тимот што го водите?
– Имаме широка палета на здравствени услуги што ги даваме успешно во ОРЛ-областа. Ги применуваме сите методи од хирургијата на глава и на врат. Она што би го издвоил како методи се тие што не се применуваат во пошироката околина. Има пациенти што по одредена интервенција завршуваат со парализи на гласилки поради што им се прави трахеотомија. Јас го решавам тоа ласерски, без трахеотомија, сигурно и успешно. Би сакал да ги истакнам и интервенциите што се прават поради тумори на базата на јазикот, кои се прават само во „Ре-медика“, поради што имаме пациенти од целиот регион.
Многу методи претставуваат макотрпна работа, имавме ситуации кога ми правеа и посебни инструменти за успешно и безбедно да можам да реализирам интервенција. Но не се штедам, а така ги учам и моите ученици. Сета таа работа не е само наш личен развој, туку и успешно излекувани пациенти.

Кога ќе ја погледнете големата слика, дали сте задоволен од развојот и работењето?
– Да. Развојот, освен посветеност и многу труд, значи и континуирана медицинска едукација и таа мора да постои во секоја установа. Во ОРЛ-одделот во „Ре-медика“ постои и успешно се спроведува. Знаете, конгресите ви даваат информација каде се движат работите, но работата е најбитна. Ние имаме доволно контакти за да можеме да ги совладуваме новините. Кога работите со некој што знае и правилно работи, „влегувате во калап“ за тоа како правилно да се работи.
Овде има солидни услови за работа. Амбиентот е одличен. Цената на нашите услуги е пониска од многу други места, а тоа се должи на принцип. Јас постојано инсистирам на него, зашто залудно работите ако оние на кои им треба тоа, не можат да си го дозволат. Ценам дека тоа е многу битно, да може да плати пациентот за да не му отвориш од еден два проблема. Во услови на овдешниот стандард нашите интервенции се пристапни, онолку колку што е можно. Работиме со материјали и технологија што се скапи, мора континуирано да се менуваат, но принципот е пациентите да може да си ги дозволат.
Лично ми се допадна што во периодот на ковид-19 „Ре-медика“ остана тим што функционира хируршки. Ние не лекувавме ковид-пациенти. Во овој период оптимално и успешно работевме во областа на хирургијата. Луѓето имаа и потреба од интервенции и ние успеавме да се организираме да им го овозможиме тоа. Тоа постави еден друг принцип на посветеност во работата и е позитивен пример како во тие услови може да се организира да се работи безбедно. Ковидот не смееше да влезе во сала и го постигнавме тоа. Оваа наша постапка има одлична рефлексија и луѓето го препознаваат тоа. Слободно можам да кажам дека го положивме испитот за состојба што никој не можеше да ја предвиди. Н.Б.З.