Како и на ЕП 2017, први во своите групи и сега беа Шпанија, Словенија и Србија. Од 16-те најдобри селекции, годинава 10 третпат во низа се во осминафиналето на европските првенства. Мечевите за пласман во четврт-финалето на ЕП 2022 се играат денеска и утре во Берлин

КОШАРКА – ЕП 2022 ВО ОДНОС НА ЕП 2017

Германија – Црна Гора, Шпанија – Литванија, Словенија – Белгија, Турција – Франција, Грција – Чешка, Финска – Хрватска, Украина – Полска и Србија – Италија се осминафиналните двојки на 41. Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи, чија групна фаза се играше во Тбилиси (Грузија), Келн (Германија), Милано (Италија) и во Прага (Чешка). Сега сите селекции се селат во Берлин (Германија), каде што ќе се игра завршницата на ЕП 2022. Првите четири двојки играат денеска, а вторите утре.
На ЕП 2022 победници на групите се Шпанија (група А), актуелниот европски првак Словенија (група Б), Грција (група Ц) и Србија (група Д). Во однос на претходното ЕП, во 2017 година, годинава не учествуваа Летонија, Русија, Исланд и Романија, а Шпанија, Словенија и Србија и на тоа ЕП беа први во своите групи. Ниту една осминафинална двојка од ЕП 2017 не се повтори на ЕП 2022, оти тогаш се сретнале Германија – Франција, Шпанија – Турција, Словенија – Украина, Летонија – Црна Гора, Литванија – Грција, Хрватска – Русија, Финска – Италија и Србија – Унгарија, но 13 исти селекции се осминафиналисти и на ЕП 2017 и сега. Од нив, пак, 10 беа осминафиналисти и на ЕП 2015…
Максимални пет победи на годинашното континентално првенство забележаа Грција и Србија. На ниту една победа, пак, на ЕП 2022 не се израдуваа Унгарија (група Б), Велика Британија (група Ц) и Холандија (група Д). Најефикасна селекција е Србија со 466 коша (93,2 поени во просек по меч), таа прими и најмалку поени 361 (72,2) и има најдобра кош-разлика, 105 коша (21 во просек по меч).
Седум натпревари завршија со постигнати 100 и повеќе кошеви на еден ривал, а најмногу постигнаа Шпанија (114), Германија (109 и 106), Литванија (107), Словенија (103), Турција (101) и Србија (двапати 100). Најмалку на една средба поентираа репрезентациите на Полска (59) и на Велика Британија (56). Победи со најголема разлика остварија Германија против Унгарија 106-71 (плус 35) и Италија против Велика Британија 90-56 (плус 34), а со по точно 30 поени предност славеа Финска против Полска (89-59), односно Србија против Финска (100-70). Г.И.


Најмногу публика во Келн

Спортската арена „Ланксес“ во германскиот град Келн беше најпосетена по фазата натпревари во групи на Европското првенство во кошарка. Петнаесетте натпревари во групата Б ги гледале вкупно 236.515 гледачи или во просек 15.767 по меч, од кои на пет дуели имало по 18.017 посетители. Потоа се Прага со вкупно 101.769 гледачи (6.784), најмногу на мечот Чешка – Србија (15.067), Милано со 91.060 (6.070), најмногу на дуелот Италија – Хрватска (11.745), и Тбилиси 55.850 (3.723) со рекордните 8.100 на дуелот Турција – Грузија. Арената во Берлин, каде што ќе се играат сите дуели во завршницата на ЕП 2022 е со капацитет од 14.500 гледачи. Г.И.


ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Турција – Франција 12 ч.
2. Словенија – Белгија 14.45 ч.
3. Германија – Црна Гора 18 ч.
4. Шпанија – Литванија 20.45 ч.
5. Украина – Полска утре, 12 ч.
6. Финска – Хрватска утре, 14.45 ч.
7. Србија – Италија утре, 18 ч.
8. Грција – Чешка утре, 20.45 ч.

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Победник 3 – Победник 8 вторник
Победник 4 – Победник 6 вторник
Победник 1 – Победник 7 среда
Победник 2 – Победник 5 среда