Фото: ЕПА

Како што стојат работите, Џејмс летово ќе го менува клубот во НБА-лигата. Тој е во Лејкерс од 2018 година, а во 2020 година го освои шампионскиот прстен

КОШАРКА – НБА-ЛИГА

Леброн Џејмс (39), еден од најдобрите кошаркари во светот, летово ќе стане слободен играч, изјави неговиот менаџер Рич Пол. Џејмс својата сезона со Лос Анџелес лејкерс ја заврши во првото коло од плејофот на Западната конференција во НБА-лигата, губејќи од Денвер во пет натпревари, а во текот на летото на Олимписките игри (ОИ) во Париз ќе го гледаме во дресот на репрезентацијата на САД.
– Џејмс е слободен играч. Морам да се фокусирам на неговата работа, а Лејкерс нека ангажира кого сакаат. Тој секогаш го покажувал најдоброто и играл кој и да бил негов тренер. Не знам што има намера да прави, но ќе го направиме тоа што треба да го направиме, ќе ја процениме ситуацијата и ќе ја донесеме најдобрата одлука – рече Пол во гостувањето на ТНТ.
Ова можеше да привлече помалку внимание доколку Џејмс беше неограничен слободен играч, кој немаше опција од 51 милион долари за следната сезона.
Како што стојат сега работите, Леброн летово ќе го менува тимот во НБА-лигата. Тој е во Лејкерс од 2018 година, а во 2020 година го освои шампионскиот прстен. Пред тоа двапати ги бранеше боите на Кливленд и двапати на Мајами. Притоа двапати беше шампион во НБА-лигата со Мајами, а еднаш со Кливленд. Г.И.