Се чека уште доаѓањето на Кристијан Николов, за репрезентацијата да се комплетира и што поподготвена да го дочека претквалификацискиот августовски циклус за ЕП 2025

КОШАРКА

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија продолжува со подготовките во Скопје за претквалификацискиот августовски циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. Избраниците на македонскиот стратег Александар Јончевски, по поразот (53-89) во пријателскиот дуел во Бар од селекцијата на Црна Гора, од вчера до крајот на оваа седмица ќе тренираат во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“, по што ќе следува преселба во СРЦ „Кале“.
Она што посебно треба да го радува селекторот Јончевски е што на вчерашниот утрински тренинг со репрезентативците го имаше на располагање и Ненад Димитријевиќ, кој не беше на подготовките во Маврово, а не настапи и на дуелот во Бар. Откако ги среди своите приватни обврски поврзани со преселбата во новиот клуб, Уникс од Казан, еден од нашите најдобри кошаркари веќе тренира, а се чека уште доаѓањето на Кристијан Николов, за репрезентацијата да биде комплетна и што поподготвена да го дочека тоа што ја очекува наскоро – информираат од КФМ.
Како што е познато, Македонија во овие претквалификации за ЕП е во групата Д, заедно со репрезентациите на Данска, Словачка и на Норвешка. Црвено-жолтите со гостувањето во данскиот град Нествед (25 август) ќе го започнат учеството во претквалификациите за ЕП 2025, а вториот дуел ќе следува три дена подоцна во СРЦ „Кале“ во Скопје, против селекцијата на Словачка. Само првопласираната репрезентација ќе игра во квалификациите за ЕП во 2025 година. Г.И.