КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Во неизвесна завршница, по две продолженија, актуелниот кошаркарски првак Торонто го доби шестиот меч против Бостон во плејофот од НБА-лига со 125-122 и израмни на 3-3 во победи. Бостон водеше со 2-0 и со 3-2. Решавачкиот седми меч е утре рано наутро за влез во финалето на Источната конференција, каде што веќе е Мајами. Во Западната конференција, Лос Анџелес клиперс го победи Денвер со 96-85 и води со 3-1. Петтиот меч на програмата е утре наутро. Во другата двојка ЛА лејкерс води со 2-1 на дуелот со Хјустон (четвртиот меч се играше ноќеска).
Во пресрет на трката за шампионските прстени веќе има наградени, па се познати двете идеални одбранбени петорки на НБА за сезонава. Првата ја сочинуваат Јанис Адетокумбо, кој беше прогласен за најдобар дефанзивен играч на ова првенство, потоа Ентони Дејвис, Бен Симонс, Руди Гобер и Маркус Смарт. Во втората се Кавај Ленард, Патрик Беверли, Ерик Бледсо, Бам Адебајо и Брук Лопез.