Женската репрезентација на Србија, предводена од селекторката Марина Маљковиќ, го освои златниот медал на Европското првенство (ЕП) во Франција и во Шпанија, откако во финалето во Валенсија, со 63-54 ја совлада Франција.

Двете селекции стигнаа до борбата за злато со максимален ефект, а Србија играше продолженија во првото коло и во четврт-финалето. Франција, пак, ги доби сите ривали со двоцифрена разлика, а последниот пораз го имаше претрпено на 7 јули 2019 година од Шпанија (66-86), во финалето на ЕП.

Србија направи чекор напред од претходното ЕП кога беше трета, а по ЕП во 2015 година, вторпат во историјата се искачи на највисокиот подиум. До титулата во финалниот дуел, Србија ја предводеа Ивон Андерсон со 18 и Јелена Брукс со 15 поени, додека Соња Васиќ, која беше прогласена и за најдобра кошаркарка на ЕП, даде 12.

Кај Французинките најдобра беше Валеријан Вукосављевиќ со 15 поени, додека Марин Жонес постигна 13. Бронзениот медал го освои Белгија, која со 77-69 ја совлада Белорусија.

Србија на претстојните Олимписки игри (ОИ) во Токио ќе го брани бронзениот медал од Рио во 2016 година. Г.И.