Фото: Ѓоковиќ/инстаграм

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ на прес-конференцијата изјави дека се надева дека ќе игра во Америка, и дека нема број на титули на Грен слем турнирите кои би биле оптимални за него.

– Не постои оптимална бројка што би ја задоволила мојата глад за Грен слем трофеи. Немам конечна бројка, ниту граница во однос на возраста до која ќе играм професионален тенис, иако луѓето автоматски почнуваат да поставуваат прашања по 30-та во сите спортови, особено во тенисот. Јас, Федерер и Надал често се соочувавме со овие прашања, има многу предвидувања и нагаѓања, а сигурно е дека овој глад е сè уште присутен. Попрво би го окарактеризирал како страст за спорт и голема желба за натпреварување. Го сакам овој спорт, сакам да играм со мојот син, со моите деца, со кој било. Играм тенис рекреативно и немам аверзија кон спортот бидејќи ми зазема голем дел од животот – изјави Ѓоковиќ, a пренесе „РТС“.

– Минатата година ги пропуштив Мајами, Индијан Велс и УС Опен. Мојот став е ист. Тоа што го видовме во Австралија покажа дека не влијаеше на мојот тенис. УС Опен е многу далеку, уште шест месеци. Би сакал да бидам таму, тоа е сè што можам да кажам. Тоа е еден од четирите најголеми турнири. Публиката ми приреди одличен пречек во 2021 година во финалето, кое го загубив. Таму го доживеав она што никаде не сум го доживеал – додаде Ѓоковиќ

За разлика од претходната сезона кога Ѓоковиќ не играше турнири во првите два месеци од годината, оваа сезона ситуацијата е сосема поинаква и започна исклучително поволно за српскиот тенисер.

– Имам голема самодоверба, дури и да не играм во Америка. Ќе се спремам и за земјените терени. Станува збор за подлога која е многу напорна, непредвидлива, а Надал е играчот кој забележал најдобри резултати на неа. Ниту јас не бев лош во кариерата. Ќе се обидам малку да го подобрам стартот на земјена подлога оваа година, во последните четири-пет години тоа не беше случај. Белград ми беше отскочна штица. Ќе го пробам тоа во Бања Лука оваа сезона. Крајната цел е Ролан Гарос. Ќе видам каков е распоредот, не знам што ќе играм на земјена подлога. Бањалука и Монте Карло сигурно – истакна Ѓоковиќ

Со освојувањето на десеттата титула на Австралија опен, Новак Ѓоковиќ стигна до 22. трофеј на Грен слем турнирите, со што се изедначи по бројот на освоени пехари со Рафаел Надал.

– Мислам дека двајцата со Надал би потпишале дека јас и тој ќе играме во финалето на Ролан Гарос. Тој е дефинитивно мојот најголем ривал, има најмногу мечеви од сите во историјата на тенисот. Генерациски сме блиску, па на некој начин израснавме низ турнири. Сепак, тој почна порано да бележи резултати. Заедно со Федерер, тој најмногу влијаеше на мене. Тие ривалства со него, почетокот на натпреварите, секогаш ми беа енигма, како да почнам да ги добивам. Не успеав да освојам Грен слем турнир иако бев во првата тројка, тие беа последната пречка. Додека сме активни тенисери, не си дозволуваме да се задржубаме на големината и важноста на нашето ривалство. Тоа ќе дојде по повлекувањето, можеби ќе имаме шанса да разговараме. Ќе видиме дали ќе имаме уште меѓусебни натпревари. Сигурен сум дека ќе го стори тоа, можеби на земјена подлога. Кога е здрав и фит, тој е на врвот – додаде Ѓоковиќ.