На стадионот „Стожице“ во Љубљана вечерва фудбалските репрезентации на Македонија и Словенија одиграа нерешено 1-1.

Репрезентацијата на Македонија го играше својот втор натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2020 и по две кола има четири бода.

Во првото полувреме, во 34 минута, Словенија успеа да поведе со 1-0 кога Зајц со глава од 5-6 метри далечина го совлада Димитриевски. Во првото полувреме Словенците го задржаа водството, а Македонија не успеа да реализира и покрај иницијативата и отворената игра. Во таква игра, нашите репрезентативци имаа две шанси преку Пандев и Барди, кои сепак шутираа непрецизно.

За Македонија овој натпревар беше многу важен, што се потврди во второто полувреме кога успеа да го израмни резултатот, со прекрасен гол на Барди кој со силен и прецизен удар го погоди левиот долен агол од голот на Облак.

Репрезентацијата на Македонија започна во состав: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Алиоски, Ристовски, Николов, Барди, Елмас, Пандев, Несторовски, а во вториот дел влегоа Трајковски, Ристевски и Марковски.
За Словенија играа: Облак, Стојановиќ, Струна, Мевља, Јокиќ, Зајц, Крхин, Куртич, Иличиќ, Шпорар, Вербич.