Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, е главното средство на Обединетите нации за поттикнување на свеста и за акција за заштита на животната средина. Во пресрет на Светското првенство во Катар годинава, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, испрати видеопорака со кревање „зелен картон за планетата“, за да се нагласи свеста за заштита на животната средина, објави ФИФА на својата интернет-страница.
– Како претседател на ФИФА, на Светскиот ден на животната средина, ги молам сите што го сакаат фудбалот и кои се грижат за животната средина, да го кренат зелениот картон на ФИФА за планетата. ФИФА ја игра својата улога, со нашата цел да го направиме Светското првенство во Катар годинава јаглеродно неутрално. Затоа, ве повикувам сите да го кренете зелениот картон на ФИФА за планетата и да снимите кратка порака, кажете ни што ќе направите за да ја зачувате животната средина и да го спасите нашиот свет, па да ја објавите таа порака на социјалните мрежи. Да се вклучиме во ова – вели Инфантино.