Денеска ќе бидат познати уште седум учесници на СП (пет од Африка, два од Европа), утре уште два (од Северна Америка), а во јуни уште три (еден од Европа и два победника на интерконтиненталните плејофи)
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ
Откако фудбалската репрезентација на Канада во неделата го обезбеди пласманот на Светското првенство (СП) во Катар годинава, останаа уште 12 слободни места на Мундијалот, за кои во трка се 29 репрезентации. Според распоредот, денеска ќе бидат познати уште седум учесници на СП (пет од Африка, два од Европа), утре уште два (од Северна Америка), а во јуни уште три (еден од Европа и два победника на интерконтиненталните плејофи). Ждрепката на групите за СП 2022 треба да се влече в петок.
ЕВРОПА: Досега на СП се пласираа Германија, Данска, Франција, Белгија, Хрватска, Шпанија, Србија, Англија, Швајцарија и Холандија. За уште три места во трка се седум репрезентации. Денеска се играат две финалиња од плејофот, Португалија – Македонија и Полска – Шведска. Во јуни ќе се игра и третото финале, Велс со победникот од дуелот Шкотска – Украина.
СЕВЕРНА АМЕРИКА: Досега на СП се пласира Канада, а на СП може да играат уште најмалку две селекции. Во последното коло од квалификациите, утре, за уште две директни места се тркаат САД, Мексико и Костарика, а едната од нив во јуни ќе настапи во интерконтиненталниот плејоф со селекција од Океанија (со победникот од утрешниот меч Нов Зеланд – Соломонски Острови).
АФРИКА: Петте вкупни победници по денешните реванши во плејофот ќе играат на СП, а двојките се Сенегал – Египет (прв меч 0-1), Алжир – Камерун (1-0), Нигерија – Гана (0-0), Мароко – ДР Конго (1-1) и Тунис – Мали (1-0).
ЈУЖНА АМЕРИКА: Досега на СП се пласираа Бразил, Аргентина, Еквадор и Уругвај. Последното коло од квалификациите е денеска. Перу, Колумбија и Чиле се во трка за местото во интерконтиненталниот плејоф во јуни со селекција од Азија (Австралија, ОАЕ, Ирак или Либан).
АЗИЈА: Досега на СП се пласираа Катар, Иран, Јужна Кореја, Јапонија и Саудиска Арабија. Австралија е финалист континентален плејоф, а за второто место во тоа финале во јуни во трка се ОАЕ, Ирак и Либан. Победникот од тој меч ќе игра во јуни со петтата селекција од Јужна Америка (Перу, Колумбија или Чиле) за пласман на СП 2022.
ОКЕАНИЈА: Нов Зеланд или Соломонски Острови (утре играат во финалето на плејофот) ќе игра во интерконтиненталниот плејоф во јуни со четвртопласираната репрезентација од квалификациите во Северна Америка (САД, Мексико или Костарика).