Фото: Игор Бансколиев

Македонија никогаш досега не била поблиску до пласман на еден мундијал. Вечерва е решавачкиот меч за пласман на СП 2022, на гости кај Португалија, фудбалски гигант, со повеќе светски ѕвезди, но Македонија досега потврди дека знае како да игра со фаворити, кога ги победи Германија и Италија (двете, исто така, со планетарни ѕвезди во составите, а и двете на гости)

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Порто (20.45 часот) на стадионот „Драгао“ ќе го игра решавачкиот натпревар за пласман на Светското првенство во Катар годинава, против домаќинот, Португалија, во финалето на плејофот од групата Ц. Македонија никогаш досега не била поблиску до пласман на еден мундијал, откако во сите претходни квалификациски циклуси за светските шампионати беше најмногу четвртопласирана во групите и не играше во ниту еден претходен плејоф. Светското првенство во Катар на програмата е од 21 ноември до 18 декември, а ждрепката за групите треба да биде влечена в петок.
Португалија е светски фудбалски гигант, со една титула европски првак (во 2016 година) и со триумф во првото издание на Лигата на нациите на Европската фудбалска унија (УЕФА), во 2019 година, а има и едно второ место на континенталните шампионати (во 2004 година, кога беше домаќин на шампионатот), а на светските првенства трето (на дебито, во 1966 година) и четврто место (во 2006 година).
За Португалија играат повеќе светски ѕвезди, како Кристијано Роналдо, Пепе, Бруно Фернандес, Диого Жота…, но Македонија досега потврди дека знае како да игра со фаворити, кога ги победи Германија и Италија (двете, исто така, со планетарни ѕвезди во составите, а и двете на гости, со вкупно еден примен гол, од пенал).
Фудбалските репрезентации на Македонија и на Португалија досега одиграа две меѓусебни средби, двете пријателски. Во првата, на неутрален терен, во Швајцарија, во 2003 година, победи Португалија со 1-0, со голот на Луис Фиго, а во втората, на гости во Леириа, во 2012 година, беше нерешено, без голови. Во вториот натпревар за Македонија играа двајца актуелни репрезентативци, и тоа капитенот Стефан Ристовски и Стефан Спировски, а за Португалија настапи Роналдо.
Со победата над Италија на гости со 1-0 во четвртокот, во полуфиналето на годинашниот плејоф, само продолжи подемот на македонскиот репрезентативен фудбал, почнат пред шест години, кога селекцијата за фудбалери до 21 година се пласира на Европското првенство (ЕП) и дебитира во 2017 година, а продолжи со сениорските дострели, како првпат освоеното трето место во квалификациска група (за ЕП 2020), победа во бараж и првпат настап на сениорско ЕП, првпат освоено второ место во квалификациска група (за СП 2022, патем со победа на меч со Германија на гости), прво учество во бараж за пласман на еден мундијал и победа на дуелот со актуелниот европски првак Италија.
Сега, по ваквиот успех, Македонија има шанса првпат да заигра и на светско првенство и да биде единствениот дебитант од Европа на Мундијалот годинава.


ПОРТУГАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА

Квалификации за СП 2022, бараж, финале
Стадион: „Драгао“ во Порто
Капацитет: 50.035 гледачи
Почеток: 20.45 часот
Судија: Ентони Тејлор (Англија)