Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека се приклучува кон барањата на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати и на СОНК за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата, како и кон повикот за доследно почитување на Законот за минимална плата и соодветно анексирање на колективните договори.

Според НАкС, загрижувачки е тоа што поради немање слух на надлежните министерства кои, како што велат, треба да бидат социјални партнери на сите нивоа и да делуваат во согласност со законите и колективните договори, синдикатите мора да бараат заштита на правата и интересите на вработените преку јавно искажување незадоволство односно преку предупредувачки протест.

– Ние од НАкС сметаме дека покачувањето на минималната плата е добредојдена социјална мерка за подобрување на незавидната материјална положба на вработените со најниски примања, но сепак примената на оваа мерка треба да биде неминовно проследена со усогласување на постојните колективните договори. Неусогласувањето на колективните договори или неговото одложување недвојбено ќе доведе до сериозни недоследности и дисонанции во наградувањето на вработените во високото образование. Имено, трудот на вработените што имаат различно ниво на образование и извршуваат работа со различна сложеност не може и не смее да се воедначува или девалвира. Затоа го повикуваме Министерството за образование и наука да не ги игнорира нашите барањата за дијалог со вработените во високото образование, туку веднаш да не повика на преговори за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со усвоените измени и дополнувањата на Законот за минимална плата од февруари 2022 – соопшти НАкС.

Со ова нивно обраќање, додава НАкС, сака да им искаже јасна и безрезервна поддршка на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати кои утре ќе излезат на предупредувачки протест.