Ние долго време сме заедно и сметам дека треба да покажеме квалитет. Мора да бидеме концентрирани во текот на целиот меч, смета репрезентативецот Велковски

ФУДБАЛ – ПРЕД ДЕНЕШНИОТ ПРИЈАТЕЛСКИ МЕЧ СО ХРВАТСКА

Македонската сениорска фудбалска репрезентација денеска, со почеток во 19 часот, на стадионот „Рујевица“ во хрватскиот град Риека, ќе одигра пријателски натпревар со соодветната селекција на Хрватска, како подготовка за дуелите што ги очекува во септември годинава, во Лигата на нациите (ЛН). Избраниците на македонскиот селектор Благоја Милевски, вториот пријателски тест-дуел ќе го одиграат на 10 јуни на гости во Храдец Кралове, против селекцијата на Чешка.
Македонскиот репрезентативец Дарко Велковски, кој во минатото настапуваше во Риека, се надева на храбра игра на своите соиграчи и позитивен резултат против фаворизираната Хрватска, која беше бронзена на последното Светско првенство (СП) во Катар 2022 и на СП во Франција 1998, додека вицешампион стана на СП 2018 година во Москва (Русија), загубувајќи во финалето од Франција со 1-2. Медал од европските првенства нема.
– По две години се враќам на стадионот каде што минав четири прекрасни години. Се соочуваме со Хрватска, а сите знаеме што значи таа репрезентација во светски рамки. Ние долго време сме заедно и сметам дека треба да покажеме квалитет во играта. Мора да бидеме концентрирани во текот на целиот меч. Хрватска е многу силна во средниот ред, имаат искусни фудбалери. Треба да се обидеме да ги користиме шансите од противнапад. Да се надеваме на добра игра и позитивен резултат. За нас како репрезентација, во овој период се важни ваквите натпревари – дециден е Велковски. Г.И.