Фото: Игор Бансколиев

Сите сили и фокус ги вложив во тој удар, вели Трајковски за погодокот за победа на мечот со Италија, по која Македонија во вторник ќе гостува кај Португалија, во финалето на плејофот, од кој победникот ќе игра на СП 2022

ФУДБАЛ – ПО ПОБЕДАТА НА МЕЧОТ СО ИТАЛИЈА

Уште не сум свесен, како јас, така и моите соиграчи, што направивме. Многу сум среќен, заслуживме ние и цела Македонија да се радуваме на ваков успех. Верувавме во себе, наградата за тоа е оваа победа и се надевам дека нема да застанеме тука. Но нѐ чека уште еден натпревар, посакувам да победиме и да одиме на Светско првенство, кое сите го сонуваме, изјави Александар Трајковски, стрелецот на победоносниот гол на мечот со Италија (1-0) во полуфиналето на плејофот од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар.
Македонија во вторник ќе гостува во Порто, кај Португалија, во финалето на плејофот, од кој победникот ќе игра на СП 2022. Трајковски го опишува победничкиот погодок.
– Чекав да завршат 90-те минути и малку да одмориме пред продолженијата. Кога дојде топката до мене, со последните сили се обидов да шутирам што е можно посилно. Сите сили и фокус ги вложив во тој удар и како да ми беше судено на постигнам гол на тој стадион во Палермо, каде што поминав убави четири години. За среќа, сѐ добро се заврши и сите се израдувавме. Сега треба добро да се одмориме и потоа да се подготвиме за мечот со Португалија, која има одлични индивидуалци, но треба да веруваме дека можеме да се носиме и со нив. Ќе биде тешко, но фудбалот прави чуда, тоа се виде и на мечот со Италија, затоа е најубав спорт – изјави Трајковски.


Ангеловски: Момци, ви честитам од сѐ срце

„Момци, ви честитам од сѐ срце на победата со Италија, актуелниот европски шампион. Уште еден чекор до Светското првенство во Катар. Навиваме за Македонија“, напиша на Фејсбук поранешниот фудбалски селектор Игор Ангеловски, кој со Македонија лани дебитира на Европското првенство.


Дончевски: Очекувам победа и против Португалија

Ретка, величествена победа на Македонија, која за мене не е изненадување, бидејќи имам голема верба во овие играчи, во нивните квалитети, го предвидов исходот на мечот. Одиграа јуначки, дадоа сѐ од себе против многу силна репрезентација каква што е Италија, но мислам дека тоа можат да го повторат и против Португалија. Посакувам и очекувам нова победа на Македонија, па потоа да почнеме сите да се подготвуваме за Катар, ни изјави во телефонското јавување од Мелбурн, Австралија, првиот селектор на Македонија, Андон Дончевски.


Хаџиевски: Највредна победа на Македонија

Мислам дека ова е највредното постигнување и победа за Македонија досега. И победата над Германија во квалификациите беше голем успех, но ова е нешто поголемо, против актуелен европски првак, Италија, на гости, во нокаут-меч за пласман на Светско првенство. Македонија одигра одличен меч, особено во одбраната, а она што мене и моите помошници со кои го гледав мечот најмногу нѐ импресионира беше мирната и сталожена игра во миговите кога Италија притискаше и се закануваше со брзата игра. Може ли да се помине и Португалија? Ќе биде тешко, но не и невозможно. Се игра еден меч, Македонија има одлични и искусни играчи, кои подолго време играат заедно, добро се водени од Благоја Милевски, ќе биде посилна и за Елиф Елмас. Јас посакувам нова победа и играње на СП, што би било огромен успех за македонскиот фудбал и за спортот воопшто, вели поранешниот селектор на Македонија, Ѓоко Хаџиевски, сега тренер на Хаер, во Саудиска Арабија.


Станојковиќ: Македонија го заслужи триумфот

Прво честитки до сите фудбалери и до селекторот Благоја Милевски за големата победа над Италија. За мене ова не е некое големо изненадување, затоа што имаме играчи што подолго време играат заедно, квалитетни се, борбени, дисциплинирани, мотивирани и знаат што сакаат на секој натпревар. Не се случајни победите над Грузија, над Германија, сега против Италија, тоа е плод на повеќегодишна системска работа со А-репрезентацијата, но и со помладите категории фудбалери. Македонија ја заслужи победата и покажа дека е сериозна екипа. За неколку дена треба да играме со Португалија, која е силна репрезентација, со многу квалитетни играчи, игра дома, што е предност, секако. Сметам дека Македонија има добри шанси за победа и на тој меч, вели Вујадин Станојковиќ, поранешен македонски репрезентативец, играч на Вардар, Партизан…, кој со репрезентацијата на СФРЈ настапи на СП 1990.