Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

Официјалните лица за натпреварите на Европското првенство (ЕП) годинава се подготвени за акција по дводневната работилница во Франкфурт, на која присуствуваа 19-те избрани судии и нивните помошници, како и судиите за системот видеопомошник-судија (ВАР), на детален брифинг еден месец пред ЕП 2024, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Работилницата беше првиот собир на сите 89 официјални лица на ЕП 2024 и можност да се запознаат со нивниот базен камп во близината на Франкфурт, избран како погодна централна локација за патување до секој од десетте града за натпреварите. Групата, во која има и тим судии од Аргентина, благодарение на тековната соработка на УЕФА со Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), ќе помине повеќе од еден месец заедно додека се подготвува за 51 натпревар на ЕП 2024.
За време на работилницата, една од клучните точки на агендата беше како судиите треба да управуваат со однесувањето на фудбалерите и на тренерите за време на натпреварите. Роберто Розети, директорот за судење при УЕФА, објави отворено писмо неделава, во кое детално ја опишува важноста на работата со репрезентациите за да се претстави позитивна слика и да се постави вистински пример за помладите играчи и гледачи. За да поттикне почит и фер игра, Европската фудбалска унија издаде нова насока за годинашното Европско првенство, според која судиите директно ќе разговараат со капитените за да ги објаснат клучните одлуки на теренот. Директивата ќе биде детално дискутирана со секоја од 24-те репрезентации учеснички во нивните базни кампови пред турнирот. Н.М.