Шампионот на Македонија, Струга ТЛ, доби тежок противник во првото квалификациско коло за пласман во фудбалската Лига на шампионите.
Струга ќе игра против Слован Братислава, најтрофејниот клуб во Словачка. Првиот натпревар ќе се одигра во Братислава на 9/10 јули, а реваншот во Македонија е седум дена подоцна.
Поразените екипи во првото коло, ќе продолжат во второто квалификациско коло во Конференциската лига.
Оваа сезона, Лигата на шампионите ќе се одвива во нов формат со 36 екипи во една групна фаза, при што секоја екипа ќе одигра осум натпревари против други тимови.
Македонските претставници во Конференциската лига на УЕФА, Шкендија и Тиквеш, исто така ги добија противниците во првото квалификациско коло.
По ждрепка во швајцарски Нион, вицешампионот Шкендија на стартот ќе се соочи со ерменски Ноах, додека освојувачот на Купот, Тиквеш ќе игра против Бреидаблик од Исланд.
Првите натпревари се играат на 11 јули, а реваншите се закажани за седум дена подоцна.