ФУДБАЛ
Шпанската полиција влезе во судиските канцеларии како дел од истрагата за корупција

Шпанската полиција влезе во канцелариите на фудбалскиот судиски комитет како дел од истрагата за наводните коруптивни плаќања на Барселона на службено лице, пишува „Би-би-си“. Барселона се соочува со обвиненија за корупција поради исплатите на Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешен потпретседател на Комитетот. Европската фудбалска унија (УЕФА) исто така го истражува случајот, а Барселона негира дека сторила неправилност, објави „Би-би-си“.
Шпанската цивилна гарда во четвртокот изврши претрес во седиштето на шпанскиот технички комитет на судии. Плаќањата првично биле испитани како дел од даночната истрага во компанијата управувана од Негреира. Првичната истрага ја поведе јавното обвинителство на Барселона во март, набрзо потоа УЕФА почна сопствена истрага, а во јули УЕФА привремено одобри Барселона да игра во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава, додека истрагата е во тек, пишува „Би-би-си“. Н.М.


ФУДБАЛ – ПО СКРШЕНИЦАТА НА НОГАТА ВО ДЕКЕМВРИ
Ноер делумно се враќа на тимските тренинзи на Баерн

Капитенот на Баерн, голманот Мануел Ноер (37), се врати делумно на тимски тренинзи 10 месеци откако ја скрши ногата при скијање на тренинг со Свен Улраих и со Даниел Перец, двајцата други чувари на мрежата на Баерн, како и играчите на тимот неделава. Ноер, кој со Баерн освои 11 титули во Бундес-лигата, ја скрши ногата во декември.
– Одлично е чувството да се вратам на теренот со моите соиграчи – рече Ноер.
Ноер, кој двапати ја освои Лигата на шампионите (ЛШ) со Баерн, имаше операција на скршеницата на потколеницата минатата година и беше отсутен до крајот на сезоната 2022/2023. Спортскиот директор на Баерн, Кристофер Фројнд, рече дека сега е „само прашање на денови“ кога Ноер ќе биде достапен за мечевите, но не наведе конкретен датум за неговото враќање. Победникот на Светското првенство (СП) во 2014 година беше капитен на Германија до неговата повреда. Н.М.


ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Значително зголемување на договорите за домашни ТВ-права

Англиската фудбалска Премиер-лига очекува да обезбеди значително зголемување на договорите за домашни ТВ-права од пет милијарди фунти кога ќе го објави својот нов тендер подоцна годинава, пишува „Би-би-си“.
На состанокот на 20-те врвни клуба е договорено да им се овозможи на преговарачите да ја одредат прецизната природа на пакетите што треба да се продаваат и бројот на мечеви што ќе бидат понудени. Сепак, веќе е договорено да бидат понудени уште 50 натпревари, со договори потенцијално распоредени во текот на четири години наместо сегашните три со Скај, ТНТ и со Амазон прајм.
Ова ќе биде првпат Премиер-лигата да ги стави на продажба своите права во Велика Британија во изминатите шест години. Дополнителните мечеви ќе значат поместување на повеќе натпревари од слотот во саботите од 15 часот. Лигата веќе преговараше за некои шестгодишни договори за прекуокеанска телевизија. Н.М.