„Еурактив“: Бугарија нема да игра цврсто

Пред годинешното одлучување за ова прашање во Советот на ЕУ, во анализата на европскиот медиум „Еурактив“, кој се повикува на повеќе извори од Софија: Бугарија „нема да игра цврсто“ со Австрија и Холандија, кои го блокираат нејзиниот пристап во шенген, туку ќе се обиде со мека дипломатија и политички калкулации во Брисел да го надмине ветото.
Бугарската влада се надева дека ако Холандија може да се убеди дека Бугарија ги продолжува напорите за спроведување на владеењето на правото, Австрија може да попушти. Сепак, се оценува дека ова сценарио е малку веројатно доколку холандските социјалисти победат на изборите во октомври, но е можно ако десното крило околу дејствувањето на холандскиот премиер Марк Руте биде убедено во судските реформи во Бугарија.
– Во последните месеци Бугарија спроведе неколку реформи насочени кон обезбедување владеење на правото и борба против корупцијата. Тешките реформи се одложуваат со години. Овие напори мора да продолжат – изјави за „Еурактив“ Надежда Јорданова, поранешна министерка за правда, а сега европратеничка за ПП-ДБ, дел од владејачката коалиција.
Претходно, Бугарија се закануваше дека ќе ја однесе Австрија пред Судот на правдата на ЕУ доколку повторно ѝ биде одбиен влез во шенген-зоната. Неодамна дури го блокираше и учеството на Австрија во НАТО, но сега се смета дека напорите на Бугарија треба да се фокусираат на убедување на партнерите.
Во декември минатата година преодната влада на претседателот Румен Радев го направи шенгенот главен надворешнополитички приоритет, но политичката криза во земјата го оневозможи обезбедувањето поддршка од европските политички групи и придонесе за ветото на Холандија и Австрија.
Претседателот Радев првично изјави дека Бугарија ќе игра тврдоглаво со Хаг и Виена, но оваа позиција брзо беше омекната. Новата влада, поддржана од про-ЕУ мнозинство во бугарскиот парламент, исто така одби да усвои цврст став за поништување на ветото.
На прашањето од „Еурактив“ кои дипломатски чекори ќе бидат преземени за да се убеди Австрија да го укине своето вето за шенген, бугарското министерство за надворешни работи одговори дека се насочени на „билатералната соработка со Австрија, која се заснова на заклучоците од акцискиот план на двете земји против илегалната миграција на ниво на министерствата за внатрешни работи“.
– Комисијата и европските агенции исто така се посветени на спроведување на овој план – се наведува во одговорот на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Од почетокот на 2023 година Бугарија спречи повеќе од 131.000 обиди на мигранти да ја преминат границата на ЕУ илегално. Граничната полиција соопшти дека ова е за 49 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година. Водечкиот бугарски аргумент е дека доколку се укинат граничните контроли меѓу Бугарија, Грција и Романија, напорите ќе бидат концентрирани на контрола на надворешната граница на ЕУ со Турција. Ј.П.


Во Бугарија царува корупцијата, а ЕУ го знае тоа

Кирил Петков, претседател на парламентарната комисија за европски прашања и поранешен премиер, вели дека новоусвоениот закон за антикорупција е „клучот на Бугарија за шенген и вистинската борба против корупцијата“.
– Во Бугарија, ние разбираме дека мораме да ги убедиме нашите партнери дека ефективно го применуваме европското законодавство и ефективно се бориме против корупцијата, бидејќи корупцијата е ризик што на крајот ја загрозува безбедноста на сите нас. Мора да зборуваме отворено и да се однесуваме прагматично – вели европратеничката Надежда Јорданова.
Потпретседателката на Европскиот совет за надворешни работи, Весела Чернева нагласува дека.„едно од големите прашања за Бугарија е дали бугарскиот парламент ќе може да спроведе реформи во правосудниот систем“.
– Тие можат да станат реалност само со измени на Уставот. На 7 декември, последниот воз ќе замине за состанокот на Европскиот совет за шенген – вели Чернева.
Новото отфрлање на обидот на Бугарија да се приклучи на шенген може да има сериозни внатрешнополитички реперкусии. Не само што проевропските партии веројатно ќе ја изгубат сегашната силна поддршка меѓу гласачите туку исто така може да ја зајакне негативната кампања против ЕУ од страна на проруската партија Вазраждане (Преродба) и Бугарската социјалистичка партија.