Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Општина Кочани, каде заедно со градоначалникот Влатко Грозданов го промовираше новиот Центар за услуги – ЕТУ Кочани.
Со отворањето на центарот, жителите на Кочани и околните населени места ќе можат на едно место да добијат пристап до електронските услуги на институциите, како и поддршка при нивното користење.
Андоновски истакна дека целта е дигиталните услуги да бидат подостапни за сите граѓани, особено за оние на кои им е потребна помош при поднесување електронски барања.
– Со овој Центар за услуги им го олеснуваме пристапот на граѓаните на Кочани до услугите на институциите. Овде ќе можат да добијат помош за користење на Националниот портал uslugi.gov.mk, да поднесат барање за потребниот документ и полесно да ги завршат своите административни обврски. Нашата цел е дигитализацијата да биде достапна за секого и да носи конкретни придобивки во секојдневниот живот – истакна Андоновски.
Преку новиот центар ќе бидат достапни електронските услуги на Националниот портал uslugi.gov.mk, меѓу кои издавање изводи од матичната книга на родените, документи од казнената и кривичната евиденција, како и услуги од Агенцијата за катастар на недвижности, Фондот на ПИОМ и други институции.
Министерот им се заблагодари на градоначалникот Грозданов и на Советот на Општина Кочани за поддршката и соработката во реализацијата на проектот.
– По бесплатните Wi-Fi зони што ги доби Кочани, денес реализираме уште едно ветување кон граѓаните. Благодарност до градоначалникот и до Советот на Општината што ја препознаа важноста на овој проект и придонесоа за неговата реализација. Со ваква соработка создаваме услови граѓаните побрзо и поедноставно да доаѓаат до услугите што им се потребни – посочи Андоновски.
Градоначалникот Влатко Грозданов му се заблагодари на министерот за соработката и за реализацијата на проектот, истакнувајќи го неговото значење за жителите на Кочани и околината.
Во рамки на работната посета, Андоновски ќе оствари средби и со претставници на компании од ИТ-секторот, како и со членовите на СТЕМ-клубот за роботика од Кочани.
































