Фото: Игор Бансколиев

Дисциплината да се работи напорно, да се биде добар со луѓето, да се има почит. Тоа е образованието во Ајакс и тоа е нешто што го носам со себе каде и да одам, вели Де Лихт

ФУДБАЛ – МАТИЈАС ДЕ ЛИХТ, ЦЕНТАРХАЛФ НА ЈУВЕНТУС И НА ХОЛАНДИЈА

Дефанзивецот на фудбалскиот клуб Јувентус, Матијас де Лихт (22), пристигна во Италија по трансферот од Ајакс за 70 милиони фунти (83,5 милиони евра) во 2019 година и сега се надева дека ќе ја крене својата игра на повисоко ниво. Во ремито против Вилјареал во првиот осминафинален меч во Лигата на шампионите (1-1), тој беше еден од најдобрите, но додека го напушташе теренот, уште размислуваше за примениот гол. Беше бесен на себе.
– Секогаш сакам да бидам најкритичен кон себе. Знам точно кога сум направил нешто погрешно. За да пораснете, понекогаш треба да прифатите дека сте донеле погрешни одлуки. И да, во таа ситуација можев подобро – вели Де Лихт во интервјуто за британскиот весник „Гардијан“.
Потрагата по совршенство е она што го придвижува Де Лихт. Во Јувентус тој е колега, но и ученик на Џорџо Кјелини и на Леонардо Бонучи. Во репрезентацијата на Холандија, централен партнер му е Вирџил ван Дајк од Ливерпул. Уште од рана возраст многумина сугерираа дека Де Лихт еден ден може да им биде рамен. Но високите стандарди на играта постојано се зголемуваат.
– Порано имаше различни типови играчи. Имаше напаѓачи што беа само во шеснаесетникот, ги упатуваа топките кон голот, но не знаеја да играат. Имавте и дефанзивци што беа навистина добри со топката, но не знаеја да се бранат. Трендот сега е сите одбранбени играчи да бидат комплетни. Сите се брзи, силни, знаат со топката. Нивото е поразлично – вели Де Лихт.

Тој отсекогаш знаел да игра. Првично беше играч од средниот ред во младинските тимови на Ајакс, вешт додавач што ја моделираше својата игра не според Кјелини туку според Андреа Пирло или Серхио Бускетс. Но прашањето е како би поминал тинејџерскиот техничар во „печката“ на Серија А, каде што за грешките не се добива охрабрувачки аплауз од прогресивен млад тренер, туку потсмев и покажување со прст? Трите години во Торино го усовршија, ја открија неговата вистинска природа. Тој сега се чувствува „посигурен, посмирен“, може „да ги чита ситуациите подобро од порано“.
– Во Ајакс, кога имав 15 години, играв во средниот ред. Потоа станав центархалф, но не ја разбирав баш најдобро позицијата и што сѐ е потребно. Некогаш треба да ја шутнеш топката каде било, понекогаш треба да одиграш, но со искуството научив што треба да направам во одредена ситуација. Валканата работа е многу важна. Луѓето го нарекуваат валкано тоа, но мене ми е навистина убаво. Да се шутне топката што подалеку, да се добиваат дуели. Гледајќи на тој начин јас сум дефанзивец од старата школа. Сега имате многу дефанзивци што остануваат на својата позиција, ги покриваат просторите. Но јас сакам и да играм и да се бранам еден на еден, да се борам со противникот. Во Ајакс бев навикнат да играм во висока одбранбена линија. Понекогаш можеби и превисоко, што е доста ризично. Сега во Јувентус бараме рамнотежа на тоа – вели тој.
Де Лихт го спомнува Кјелини кога одговара на прашањето дали одбранбениот инстинкт, позиционирањето, исчекувањето, предвидливоста се вродени таленти или вештина што може да се научи.

– Дефинитивно можете да се подобрувате. На пример, Џорџо сега има 37 години. Тој знае, „сега ќе се случи оваа ситуација, а потоа ќе се случи тоа“. Сигурно тоа го немал на 20 години, но со годините научил. Но, исто така, потребно е да имате и чувство кога нешто може да тргне наопаку. Тоа е сосема природно и мислам дека сите добри дефанзивци го имаат – вели Де Лихт.
Од Јохан Кројф преку Денис Бергкамп, Марко ван Бастен, до Кристијан Ериксен, „фабриката за таленти“ во Ајакс има завидно педигре кога станува збор за производство на креативни напаѓачи. Но „производството на одбранбени“ играчи од светска класа е попроменливо. Од времето во Ајакс, со младата екипа што беше толку блиску до освојување на Лига Европа (ЛЕ) во 2017 година и во ЛШ 2019-та, најмногу се сеќава на животните лекции.
– Дисциплината да се работи напорно, да се биде добар со луѓето, да се има почит. Тоа е образованието во Ајакс и тоа е нешто што го носам со себе каде и да одам – вели тој.