ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Во минатата сезона само двајца играчи постигнаа по 20 гола во Премиер-лигата, што иницираше прашања дали постепено ги снемува централните напаѓачи од врвниот фудбал. Доаѓањето на Холанд и на Нуњез во најсилната лига на светот би можело да значи промена на тој тренд

Манчестер сити и Ливерпул ги усовршија системите на играње „без класичен напаѓач“ претходниве фудбалски сезони, но сега се решија за промени и ангажираа две традиционални „деветки“, Норвежанецот Ерлинг Холанд и Уругваецот Дарвин Нуњез. Досега тимовите предводени од Пеп Гвардиола и од Јирген Клоп доминираа во англиската Премиер-лига без поголем придонес од специјализираните централни напаѓачи, со исклучок на Серхио Агуеро, се наведува во статијата на британски „Телеграф“.

Обележја на играта во нападот на Манчестер сити и на Ливерпул беа флексибилните напаѓачи, кои први вршат пресинг, дриблаат како крила, асистираат, но и се закана за противничкиот гол. Минатата сезона само двајца играчи постигнаа по 20 гола во Премиер-лигата, Мохамед Салах од Ливерпул и Сон Хеунг-мин од Тотенхем, што иницираше прашања дали постепено ги снемува централните напаѓачи од врвниот фудбал. Доаѓањето на Холанд и на Нуњез во најсилната лига на светот би можело да значи промена на тој тренд. Тие нудат физичко присуство, па и височина што претходно го немаше во нивните тимови. Со оглед на тоа што Хари Кејн ќе го предводи нападот на Тотенхем, како и опцијата Ромелу Лукаку да остане во Челси, центарфорите би можеле да направат враќање во следната сезона во лигата.

Во минатата сезона, Холанд и Нуњез имаа слични ефекти. Холанд постигна 22 првенствени гола наспроти 26-те на Нуњез, но го надмина во очекуваните голови за 90 минути, 0,87-0,83. Нуњез упати повеќе шутеви за 90 минути игра (3,85-3,76), Норвежанецот имаше повеќе асистенции (7-4)… Една област во која Нуњез е понадмоќен е дриблингот. И покрај тоа што е централен напаѓач, тој сака да дејствува и од лево и да ги напаѓа дефанзивците со топка во нозете. Правилото за пет замени по меч во следната сезона, на менаџерите ќе им понуди повеќе опции и стратегии. И покрај тоа што се очекува двајцата напаѓачи да бидат стартери, постои можност подоцна, по 60-та минута тие да влезат во игра против веќе уморната одбрана. Кога бркаат гол против противник што го „паркирал автобусот“ во 16-те метри, тие се потенцијално поефективни замени отколку урфрлањето во игра на уште еден напаѓач.

Сити и Ливерпул имаат на располагање неверојатни, квалитетни резерви, но двете дополнителни замени дополнително ќе им користат на напаѓачите. Дали тоа правило е добро за спортот е посебна дебата, но најголемите клубови ќе се погрижат сезоната да ја почнат со квалитетна резервна клупа. Тренерите ќе сакаат во резерва најмалку по три сигурни, докажани напаѓачки опции. Имањето играчи како Диого Жота или Ријад Марез на клупата би се сметало за луксузна работа, но е пооправдано во ерата на пет замени.