Фото: Маја Јаневска-Илиева

Црвено-жолтите одиграа 1-1 со Англија, финалист на ЕП 2020, во минатиот месец го забележаа истиот резултат и со Италија, актуелниот европски првак, а токму тие две репрезентации од групата Ц се пласираа на ЕП 2024. Во ноемврискиот циклус мечеви, во кој беа одиграни дуелите со тие две селекции, македонската репрезентација освои 3,8 бода за составувањето на новото рангирање на ФИФА. Следните официјални мечеви на македонската селекција се од септември в година, во Лигата на нации, а од март 2025 година во квалификациите за СП 2026

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024, МАКЕДОНИЈА – АНГЛИЈА 1-1

Македонската репрезентација со одличен настап забележа ново големо реми против европски фудбалски гигант и го заокружи квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија, откако во Скопје одигра нерешено, 1-1, со Англија, актуелниот европски вицешампион. Во минатиот месец Македонија дома ремизира со истиот резултат и со Италија, актуелниот европски првак. Со овој освоен еден бод Македонија со вкупно осум е четврта во групата Ц, во која првите две места ги освоија Англија, со 20 бода, и Италија со 14, и тие две репрезентации од оваа група ќе настапат на ЕП в година. Трета во групата Ц е Украина со 14 бода, а последна е Малта, без бодови.
Ова беше трет натпревар помеѓу Македонија и Англија одигран во Скопје, прво реми, откако во претходните два дуела победи Англија, со 2-1 во 2003 година и со 1-0 три години подоцна. Македонија досега има вкупно три нерешени средби со Англија, откако на гости одигра 2-2 во 2002 година во Саутемптон и 0-0 во 2006 година во Манчестер.
Ноемврискиот циклус мечеви, во кој спаѓа и дуелот со Италија на гости во петокот, македонската репрезентација ќе го заврши со 3,8 бода повеќе на контото при составувањето на новото рангирање на Светската фудбалска федерација (ФИФА), според пресметки на специјализирани интернет-страници за подготвување ранг-листа во живо. Тоа може да им донесе на црвено-жолтите напредок на листата од актуелното 66-то место. Новата ранг-листа на ФИФА треба да биде објавена на 30 ноември. Рангирањето на ФИФА за претходните неколку светски првенства се користеше за одредување на составите на барабаните за ждрепките за квалификациите за пласмани на мундијалите.
Следните официјални мечеви на македонската селекција се предвидени за септември в година, во четвртата сезона на Лигата на нации (ждрепката на групите треба да се влече во февруари 2024 година), а следниот квалификациски циклус, тој за Светското првенство во 2026 година во САД, Мексико и во Канада, треба да почне во март 2025 година.
По натпреварите во понеделникот, на ЕП 2024 се пласираа вкупно 20 репрезентации, и тоа Шпанија, Шкотска (од групата А), Франција, Холандија (од Б), Англија, Италија (од Ц), Турција (од Д, синоќа се решаваше уште еден учесник, Хрватска или Велс), Албанија, Чешка (од Е), Австрија, Белгија (од Ф), Унгарија, Србија (од Г), Данска, Словенија (од Х), Романија, Швајцарија (од И), Португалија и Словачка (од групата Ј). Германија автоматски се пласира како домаќин на континенталното првенство. Преостанатите три места ќе ги пополнат победниците на плејоф-мечевите во март в година.
По некомплетното 10-то коло, речиси се формирани сите четири барабани пред ждрепката на групите за ЕП 2024, која треба да биде влечена на 2 декември, па, така, во првиот барабан на пример ќе бидат Германија, Португалија, Франција, Шпанија, Белгија и Англија. Н.М.


Естонија од лигата Д ќе игра во плејофот на лигата А

Во плејофот на Лигата на нациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) в година во Германија ќе играат 12 репрезентации од лигите А, Б и Ц на Лигата на нациите, кои не обезбедиле место на европскиот шампионат низ квалификациите, но имаат висок пласман во третото издание на Лигата на нациите.
По средбите во понеделникот, тоа место го обезбедија репрезентациите на Полска, Естонија (за лига А), Израел, БиХ (лига Б), Финска, Украина, Исланд (лига А или лига Б) и Грузија, Грција, Казахстан и Луксембург (лига Ц). Естонија беше најуспешна селекција во лигата Д, но, според пропозициите, доби место во плејофот на лигата А, откако од лигата А нема доволен број репрезентации за формирање на двете полуфинални двојки, па прва селекција што го пополнува испразнетото место е најдобрата репрезентација во лигата Д.
Од лигата А, Полска доби место во плејофот, од таа лига ќе игра уште Хрватска или Велс, а четвртиот учесник ќе биде од селекција од лигата Б. Во лигата Ц се знаат и двојките, Грузија – Луксембург и Грција – Казахстан. Дуелите од плејофот се предвидени за март в година.


УЧЕСНИЦИ НА ЕП 2024

Домаќин Германија
Група А Шпанија и Шкотска
Група Б Франција и Холандија
Група Ц Англија и Италија
Група Д Турција и Хрватска или
Велс
Група Е Албанија и Чешка
Група Ф Австрија и Белгија
Група Г Унгарија и Србија
Група Х Данска и Словенија
Група И Романија и Швајцарија
Група Ј Португалија и Словачка
Плејоф три репрезентации